Ласовска: Владата да донесе јасни одлуки за работата на градинките и да ги вметне препораките они УНИЦЕФ и да се одвојат средства за чување деца во домашни услови

Државата има обврска да го организира процес на згрижување на најмладите, односно на децата од предучилишна возраст. Граѓаните се соочуваат со огромен проблем, кој го споделуваат и со нас како пратеници, а кој се однесува токму со оваа проблематика во услови на пандемија со корона вирус. Оттука ние како пратенички од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ бараме да интервенира најитно ресорната министерка Шахпаска, за надминување на проблемите на оваа група граѓани, ова денеска преку изјава за медиумите го истакна Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ.

-Имено голем број родители се соочени со состојба во која не се во можност да отсуствуваат од работа, а истовремено имаат деца од претшколска возраст кои мора да бидат згрижени. Ние како пратенички од ВМРО-ДПМНЕ и ВМРО-ДПМНЕ како партија бараме власта и ресорната министерка да излезат со јасни прецизни и издржани одлуки за работење на детските градинки во услови на ковид 19 и во истите да бидат вметнати препораките на УНИЦЕФ и другите релевантни фактори. Жалиме што овој период од 6 месеци наназад владата на СДСМ и ДИУ не го искористи за подобрување на условите и капацитетите на детските градинки за згрижување на најмладите и истите не ги приспособи за работење во услови на пандемија, ниту просторно ниту во поглед на човечки ресурси. Во таа насока излегуваме со неколку предлог мерки, како детските градинки да отпочнат со работа, а притоа да биде заштитено здравјето на децата и персоналот кој работи со нив и да им се олесни на родителите, вели Ласовска.

Таа додава дека прво просториите за згрижување на деца да бидат дезинфицирани, а на вработените да им се направи нов скрининг. Додека не се заврши со постапката, сметаме дека постои сериозен ризик по здравјето на децата вработените и родителите. Дополнително потребно е на одреден период, согласно препораките на експертите, ваквите постапки да бидат повторувани. Притоа детските градинки да бидат почесто посетувани од педијатри со што би се следела состојбата во континуитет. Свесни сме дека поради препораките на експертите се бара присуство на помал број лица во затворена просторија, па затоа бараме да се искористат и прилагодат соодветно на возраста и потребите на децата неискористените капацитети на основните и средните училишта за згрижување на деца од предучилишна возраст. Согласно вчерашните заклучоци од Владата само една третина од децата на предшколска возраст можат да бидат згрижени во градинките. Врз кој критериум ќе се врши селекција на деца кои ќе бидат згрижени? Централната власт, наместо да ја префрла одговорноста на локалната самоуправа, во услови на пандемија потребно е да преземе најитни мерки за обезбедување на просторни капацитети со соодветни услови за постоечката ситуација.

-Дополнително владата да одвои средства за субвенционирање на негување на деца од предшколска возраст во домашни услови од страна на лица кои поседуваат соодветна обука, образование и лиценци, се со цел поголем број на семејства да можат да ангажираат негувателки во своите домови, при што предност ќе имаат самохраните родители и хронично болните деца. Со ова ќе се постигне двоен ефект, односно вработените родители нема да отсуствуваат од својата работа и на тој начин нема да трпи економијата, но од друга страна ќе се ангажираат односно вработуваат лица за чување во домашни услови.
Зошто се молчи и во врска со отворањето на приватните детски градинки? Се работи за триесетина субјекти кои се на работ на егзистенцијата, а кои со новите заклучоци на влада не се опфатени. Сметаме дека доколку постои волја од страна на ресорното министерство и Владата ваквите мерки да бидат врвен приоритет. Доколку старо новата влада работеше и имаше конкретен план како државата да се справи со пандемијата, немаше да дојдеме во ситуација да се решава во рок од неколку дена за вака сериозни прашања кои ги загрозуваат здравјето на најмладите и нивните семејства. Не играјте си со здравјето на нашите деца, додава Ласовска.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста