Кредитите ќе поскапат, граѓаните што допрва ќе се задолжат да внимаваат

Ако пред два месеци само калкулираа, сега банките веќе ги зголемуваат каматите за кредитите и депозитите. Зголемувањето на основната камата ќе удри врз џебот на граѓаните. Банките речиси сигурно ќе ги следат сигналите на Народната Банка која вчера повторно ја подигна каматата нагоре, па таа за краток период скокна од 1,25 на 2%. Очекувањата се дека прво ќе стане поисплатливо штедењето во банка, но и дека ќе се зголемат месечните рати за разните видови кредити. Први на удар ќе бидат кредитите со променлива стапка. Исто така ќе се продлабочат стапките за недозволеното пречекорување, кредитните картички и други.Од Организацијата на потрошувачи досега не добиле поплаки од граѓани дека банките ги зголемуваат трошоците. Сепак, алармираат граѓаните добро да си ги проучат договорите за кредит и ако можат да ги рефинансираат. Особено треба да бидат внимателни оние што допрва ќе се задолжат.

„Оние што сакаат да земат кредит сега треба навистина да направат добра пресметка кој кредит навистина им одговара. А претходно и да видат со колкав приход располагаат, колку можат да одвојат за да го платат тој кредит и какви се другите трошоци кои треба да ги предвидат. Со оглед на тоа ние поставивме и калкулатор на нашата веб страна за да може да се пресмета колку ќе изнесува кредитот, на колкав рок, колку имаат да отплаќаат и на таа основа да пресметаат каков кредит најмногу им одговара “ – вели Маријана Велковска Лончар од Организацијата на потрошувачи.

Неофицијално банкарите коментираат дека во последните неколку месеци нема драматични промени во каматните стапки. Дали ќе ги поскапат кредитите, било сè уште рано да се каже. Допрва ќе се правеле калкулации и ќе се носат одлуки. Велат дека некои од корисниците побарале рефинансирање на постоечките кредити во истата или во друга банка.

Монетарните власти пак повторно ја подигнаа каматата нагоре во обид да ја зауздаат инфлацијата – ги поскапуваат  парите за, од една страна да ги заострат условите за кредитирање, од друга да ги натераат банките да купуваат благајнички записи и да ја намалат количината на пари во оптек.

Податоците на НБМ покажуваат дека просечната каматна стапка на кредитите во април изнесува 4,30% и била непроменета на месечна основа. Се работи за месецот кога централната банка првпат ја покачи основната камата. Затоа, пак, банките веднаш ги зголемиле стапките на новоодобрените кредити. Просечната стапка била 3,98%, односно поголема за 0,23пп.

Досега ниту мерките на Владата, ниту на НБМ не резултираа со пад на инфлацијата. Напротив, таа само се зголеми од 8,8 на 12% за само 3 месеци.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста