Костадинов без перде среде Скопје рече дека Бугарија е од Црното море до Охрид, од МНР само писмена реакција

Само со писмена осуда, без протестна нота македонското министерство за надворешни работи ги пројде територијалните претензии на бугарскиот пратеник и лидер на „Преродба“, Костадин Костадинов, според кој Бугарија се простирала од Црно Море до Охрид. Ниту Владата, ниту МНР не гледаат доволен провокативен материјал за да испратат итна протестна нота по длабоко скандалозните изјави на Костадинов среде Скопје. Министерството нарекувајќи ги иредентистички ставовите на бугарскиот пратеник, само порача граѓаните да не подлегнуваат на ваквите провокации кои имале за цел да ги спречат двете држави во искрените намери, во зближувањето на двата народи во духот на европските вредности.

  • Фактот што овие изјави се повторуваат, овојпат и во Скопје и тоа на значаен и за двете страни симболичен повод, отворање на нови канцеларии на Културно-информативниот центар како и во пресрет на Бизнис форумот меѓу Северна Македонија и Бугарија, не можеме, а да не ги толкуваме како обиди за минирање на силните напори на двете Влади за унапредување на соработката и како организирана провокација, која треба да биде осудена од сите проевропски политички структури и институции во двете држави“, се вели во соопштението на МНР.

А Костадинов, изјавите кои ги даваше во бугарскиот парламент дека македонскиот и бугарскиот се еден ист народ, немаше проблем да ги повтори и на гостински терен.  

  • „Нè не терајте да ја искривуваме вистината. Јас ќе ви кажам уште еднаш, да, Бугарија и Македонија се две држави кои треба да бидат една. Две држави се да, еден народ кој треба да биде од Црното море до Охридското езеро“, рече Костадинов.

Тоа не беше доволно, па ги убедуваше и новинарите дека имаме иста историја без да наведе ниту еден факт, ама не сакаше да го наречат Македонец.

  • (Значи можеме да кажеме дека вие сте Македонци?) Нема разлика меѓу Македонци и Бугари. (Значи јас да кажам дека Костадин Костадинов од Бугарија е Преродба е Македонец, а не Бугарин) Тоа е едно исто, ако сакате кажете Македонец, ако сакате кажете Бугарин, за мене нема разлика. (Значи Македонец сте можам да кажам дека сте Македонец или не?) А вие можете да кажете дека сте Бугарин? (Не, јас сум Македонец.) Добро, изјави Костадинов.

Но и покрај силните територијални претензии и отворената намера на Костадинов да ги прикаже Македонците како бугарски народ, МНР не виде причина да испрати итна протестна нота. Затоа пак бугарските власти не пропуштаат ниту една прилика да реагираат со дипломатска нота. Дури и ја врачија во раце на македонската амбасадорка во Софија,  Агнеза Руси-Поповска поради скршеното стакло на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети” во Охрид.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста