Со нови бугарски провокации отворен културно информативниот центар на Бугарија среде Скопје: Сме биле еден народ, кој говори ист јазик и има заедничко минато

Нема разлика меѓу нас. Бугарија и Македонија се две држави со еден народ, со заедничко минато. Со силно полициски присуство и нови провокации мина отворањето на бугарскиот културно информативен центар во центарот на Скопје. Она што редовно навикнавме да го слушаме од Костадин Костадинов во бугарскиот Парламент сега го слушнавме и на само 10-тина метри од плоштадот Македонија. Бугарскиот пратеник и прв човек на партијата „Преродба“ ни порача дека факт било дека сме биле едно, дека сме имале заедничка историја.

-(Постојат Македонци, постојат Бугари, на кој начин го засновате тоа дека е исто, на кои факти) на историски, на филолошки… (На кои историски факти, ај кажете ми вие.) Нема разлика. (За што се борел Гоце Делчев, за македонска држава или за Бугарија) И за македонска држава и за Бугарија. (За вас тоа е втора македонска држава така).Нема разлика. Бугарија и Македонија се две држави со еден народ, со општо минато. Разлика е во сегашноста, тоа е реалноста, изјави Костадинов.

На прашањето кои се фактите врз кои тој ги темели своите тези, Костадинов реагираше збунето.

-(Значи можеме да кажеме дека вие сте Македонци?) Нема разлика меѓу Македонци и Бугари. (Значи јас да кажам дека Костадин Костадинов од Бугарија е Преродба е Македонец, а не Бугарин) Тоа е едно исто, ако сакате кажете Македонец, ако сакате кажете Бугарин, за мене нема разлика. (Значи Македонец сте можам да кажам дека сте Македонец или не?) А вие можете да кажете дека сте Бугарин? (Не, јас сум Македонец.) Добро, изјави Костадинов.

Зборовите на Костадинов не беа единствена провокација. Тие дојдоа директно и од бугарските историчари, конкретно од вториот човек во заедничката историска комисија, Наум Кајчев, со порака дека бил заеднички светец, ни предаде икона од Свети Климент Охридски. Ни порачаа и дека не било случајно што токму на овој празник бил отворен овој центар.

Министрите за култура од двете држави порачаа дека овој клуб ќе допринел за зближување на културите меѓу двете држави. Но, не одговорија прецизно на новинарските прашања. Македонската министерка, Бисера Костадиновска Стојчевска не сакаше да одговори дали самото присуство на Костадинов во Скопје е провокација.

-Секој политичар треба да сноси одговрност за она што го изјавува, таквите изјави се најмалку европски и таквите изјави воопшто не одат во прилог на еден ваков убав настан каков што е овој денес, изјави Костадиновска Стојчевска.

Бугарскиот министер Велислав Минеков пак не сакаше да одговори дали клубовите „Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис Трети“ допринесуваат за зближување меѓу двата народи.

-Среќен сум за денешниот настан, тоа е уште еден мост, уште едно зближување, сепак сме братски народи. (Дали придонесуваат двата клуба „Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис Трети“ за зближување на двата народи?) Тоа вие ќе го оцените, ние ги зближуваме двата народи, изјави Минеков.

Отворањето на бугарскиот култрен информативен центар заврши како што почна. Без инциденти, но со големо полициско обезбедување.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста