Комисијата за заразни болести ќе заседава околу регистрираниот случај на морбили кај 13 месечно дете

И се заканува ли на Македонија епидемија од мали сипаници и колку е опасен за сега изолираниот случај на морбили кај 13 месечно дете од Свети Николе?

Докторите веќе подолго време алармираат дека опфатот на имунизација со МРП вакцината е многу мал и истиот не може долгорочно да обезбеди колективен имунитет од оваа многу заразна инфекција.

  • „За да има колективен имунитет , кога вирусот нема лесно да се шири, треба да се вакцинирани 95% од оние кои што треба да ја примат вакцината. Процентот  на вакцинација во Свети Николе е голем па не се очекува ширење на инфекцијата, “ вели во разговор за Алфа Проф. Д-р Катерина Ставриќ.

Сепак, од година во година процентот на вакцинирани деца на возраст од 12 до 23 месеци опаѓа. Според податоците на Институтот за јавно здравје, во 2021 година само 70% од децата на таа возраст ја примиле првата доза од МРП вакцината.  

Малите сипаници се сметаат за високо заразно заболување, кое може да помине многу лесно, но можат и да предизвикаат воспаленија и сериозни компликации, па и да бидат фатални кај оние со слаб имунитет.Она што е многу важно, велат докторите, е дека вакцинираните деца ги штитат оние кои што поради здравствени проблеми не можат да ја примат, како што се децата со акутни, малигни или имунодефицитарни заболувања или пак оние кои се под терапија. Овие деца се под голем ризик велат докорите.

Македонија во 2019 година се соочи со епидемија од мали сипаници во која четири деца починаа како резултат на компликации. И тогаш опфатот на вакцинација беше околу 70%.  

Анастасија Богданоска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста