Антикорупционерите собираат документација за Коридорите, министерствата и институциите се непосветени во борбата против корупцијата

Посебен тим од советници и членови на антикорупциска ќе ја чешлаат документацијата за Коридорите 8 и 10  и ќе посветат особено внимание најави претседателката Ивановска. Тие се во фаза на прибирање на обемната документација, а дали постои корупција ќе одговорат откако ќе истражат.

 „Кај нас е отворен предмет, во фаза сме на прибирање на сите потребна документации, дел ги имаме добиено, останатите ги очекуваме. Поради специфичноста на предметот овој предмет ќе го работи тим и од советници и од членови на Комисијата, значи ќе му дадеме особено значење и внимание се со цел вистината да ја извадиме на виделина и резултаите ќе ги соопштиме на јавна седница“, изјави Ивановска.

Покрај Антикорупциска, и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, следејќи ги информациите по медиумите поврзани со изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10, отвори предмет по допрен глас. Сепак, антикорупционерите се жалат на пасивноста на државните институции и министерства во борбата против корупција.

Извештајот за спречување на корупција за ланската година којшто е дел од Националната стратегија за 2021-2025 е со разочарувачки резултати поради непосветеноста на институциите. Парламентот е во низата на непосветени институции бидејќи Талат Џафери се уште на седница не го ставил извештајот за 2021 година, а веќе до собранието е доставен и извештајот за лани. Дали Џафери е лут на антикорупциска поради предметот со неговиот син, па и покрај замерките на домашната и меѓународната јавност ја игнорира работата на антикорупциска, Ивановска не знаеше да одговори.

“Знаете дека дневниот ред за собраниските пленарни седници го потготвува претседателот. Зошто извештајот се уште не е ставен, е прашање за претседателот“ , рече Ивановска.

Лани само 10% од планираните активности извршиле министерствата и институциите под капата на Владата за спречување на корупција, за разлика од 2021 година каде процентот е 20%. Ова се должи на слабата посветеност на институциите, честите смени на министрите, политичките влијанија при вработувањето со што резултатот е непрофесионална администрација. Во Македонија царува непотизам и институционална и индивидуална неказнивост, покажуваат резултатите од презентацијата на Извештајот за спречување корупција и судир на интереси за ланската година од Националната стратегија.

Паула Костадиноска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста