Канзуров: Преспанскиот договор ги легализираше сите притисоци кон македонците во Егејска Македонија

„Грција која со Закон им забранила на Македонците таму да зборуваат македонски јазик, која им ги промени личните, но и имињата на селата, која им го спореше идентитетот, со Преспанскиот договор само ги легализираше сите притисоци кон егејците“ – вака ја започнува својата приказна егеецот Ѓорѓи Канзуров кому со години му било забрането да влезе во Грција само поради тоа што правел пописи за Македонците во Егејска Македонија.

На сите ни ги сменија имињата и презимињата, ни ги сменија имињата на селата, имаа донесено прописи да јадеш ќотек, да бидеш затвор, до пет месеци. Сега со Преспанскиот договор тие го легализираа тоа – сведочи за Алфа, писателот и хроничар Ѓорѓи Канзуров.

Писателот Канзуров кој истражувал шест години пред да ја напише книгата, од 2006 до 2012 година ги посетувал селата, разговарал со жителите, ги прибирал статистичките податоци од пред еден век до денес итн. Сѐ на сѐ, според него, и тогаш и сега речиси 30 отсто од жителите во тој регион се Македонци – нешто повеќе од 700 илјади, што е од пет до седум отсто од вкупното население во Грција.

Во 470 населени места има Македонци, има и други населени места, кои се градови. Иммаме градови со 60 – 70% Македонци, тоа е Лерин, Воден, Костур, Апостол – изјави писателот Ѓорѓи Канзуров.

Но објавувањето на неговиот труд го чинело повеќе отколку само трошоците за истражување и за печатење. Пред 10 на години, кога се обидел повторно да ја премине грчката граница и да го посети своето родно село Сетина во Леринско, рампата се спуштила за него. Се надева дека по потпишувањето на Преспанскиот договор, таа забрана е тргната, иако, последниве години не се обидел да оди во неговото родно место.

Патував јас за Грција и ме вратија, ми кажаа дека јас си знам зошто не ме пуштаат. Барав одговори, документи, се жалев, поднесов барање, уште ден денес не знам зошто не можам. Сега, после Преспанскиот договор не сум пробал, можеби таа забрана ја тргнале – додава Канзуров.

Тој раскажува за сите притисоци кои ги трпеле Македонците за време на Граѓанската војна.

После Граѓанската војна, донеле закони со кои им се одзема имотот, им се одзема и државјанството, и им се забранува враќање во егејскиот дел. Ама 74 година, почнаа да се подобруваат односите, и почнаа да ги менуваат своите ставови према партизаните, прво ги викале бандити после политички противници – раскажува Канзуров.

За време на неговите активности во Грција, заедно со егејските здруженија, тој раскажувал и за неговата судбина, како Граѓанската војна неговото петчлено семејство придонела да биде разделено во четири различни држави. Во соработка со повеќе здруженија, неколку години имале размена

Јас тоа го раскажав, и се претставив дека сум етнички македонец. Јас им одговорив, не може ако некој се родил во вагон, да има вагонско државјанство – вели Канзуров.

Во книгата „Достоинствено опстојуваме“, Канзуров раскажува дека Македонците доживувале многу иселувања и протерувања, повикувајќи се на податоци за миграциските движења од Балканските војни. . Според овие податоци, во 1900 година Егејска Македонија имала над еден милион  жители, од кои 326 илјади Македонци-христијани и 41 илјада Македонци-муслимани. Како една третина од населението, тие биле најмногубројни, пред Грците, кои биле 20 отсто. Најмногу ги имало во Воденско, Костурско, Леринско, Валовишко, Ениџевардарско, Кукушко, а помалку во Солунско и во други региони.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста