Кризата удира страотно- цените растат, власта ги критикува трговците за неетичност и некоректност

Наместо мерки – казни. Додека сите чекаат мерки кои ќе помогнат да заздрави стопанството, Владата ги нападна трговците и ги нарече неетички и неморални оти ги зголемиле цените.

Вицепремиерот Фатмир Битиќи изјави дека за  поскапувањето ќе имало одговорност, ама не од владините институциии туку од компаниите.  Инспекциските служби ќе контролирале дали зголемувањето на цените било реално .

– Одредени компании се однесуваат некоректно, неетички и неморално кон зголемувањето на цените. Тоа набрзо ќе наиде на одговор од страна на институциите. Не можеме да прифатиме дека цена, за 24 часа може да порасне за 20 отсто, кога производствената цена не може да порасне 24 часа за 20 отсто. Сметам дека тоа е само манипулација којашто ја прават кон нашите граѓани и за тоа секако соодветно треба да реагираат инспекциските служби – изјави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Власта се правда и не носи нови мерки, а резултатот на терен е страотен. Цените на бензините уриваат рекорди, основните продукти драстично поскапеа. Експертите предупредуваат дека доколку не се реагира ќе биде уште полошо, а попусти беа и апелите на опозицијата да се реагира и да нема ДДВ на основните производи до крај на годината, а на горивата тој да изнесува 5 %.

Додека власта не презема ништо, за помалку од еден месец не очекува нов ценовен шок откако ќе поскапи и цената на електричната енергија – причина за ова како што реагираат од ВМРО- ДПМНЕ е недомаќинското менаџирање на најголемите енергетски капацитети во државата.  Само за две години  Македонија произведе еден милион мегават часови помалку електрична енергија, што според цените на светската берза ќе ги чини граѓаните 250-260 милиони евра.

Недомаќински да се фрлаат во воздух 260 милиони евра е целосно неодговорно. Во исто време електричната енергија за граѓаните поскапе два пати по 10%, а сега ќе поскапи веројатно за дополнителни 30%, но она што е уште позначајно е што за компаниите, за фирмите е поскапена 500 до 600%, а во исти процент е поскапена и за институциите и за општините. Значи 5 до 6 пати е поскапена цената на електричната енергија затоа што Македонија не произведува доволно, заради недомаќинското работење и криминалот кој што се случува во ЕЛЕМ и во РЕК Битола и таа струја мора да се увезува, рече потпретседателот на ВМРО- ДПМНЕ Александар Николоски.

Недоволното домашно производство на храна и електрична енергија и според стопанските комори е причина за лошата економска слика во која се наоѓаме. И  од бизнис- секторот зголемување на производство дома, елиминирање на непотребните бирократски процедури за инсталирање обновливи извори на енергија и отворање на стоковите резерви.

Кристина Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста