Каде е Францускиот предлог: Османи тврди не е стигнат до Македонија, Милошоски не му верува

Антонио Милошоски, бара премиерот Ковачевски и министерот за надворешни Османи да ги достават до пратениците двата документи за Бугарија – Протоколот и преговарачката рамка. Претседателот на собраниската комисија за надворешна политика, Милошоски вели дека владата нема право да ги крие од јавноста, туку има уставна и морална обврска да учествува во собраниска расправа.

  • Ако во Бугарија, бугарското Собрание си земало за право да дискутира за овие два документи кои што се однесуваат на Македонија, тогаш зошто ние во Македонија да не дискутираме за документи кои што се однесуваат на нашата држава? Од извори во Министерството за надворешни работи ние имаме податок дека министерот за надворешни работи и премиерот Ковачевски ги имаат и Протоколот помеѓу Македонија и Бугарија и Францускиот предлог за преговарачка рамка. И Бујар Османи и Ковачевски манипулираат со јавноста кога кажуваат дека до нив не е стигнале вакви предлози – вели за Алфа, Антонио Милошоски – Претседател на собраниска комисија за надворешна политика.

Откако Милошоски го достави писмото, Османи во свој стил му врати: дека секогаш бил отворен за соработка со собраниската комисија и е подготвен да и ги претстави сите прашања, ама, досега Македонија ниту добила Француски предлог ниту Меѓувладината комисија со Бугарија има договорено некаков Протокол.

Формално досега не е добиен Француски предлог како можно решение за блокадата од страна на Бугарија, затоа што прво се добиваат мислењата на земјите – членки на ЕУ, со кои ние сме во постојана комуникација; оттука нема можност било каков предлог да се достави до Собранието и/или неговите тела пишува Османи на Фејсбук.

Од опозицијата тврдат дека нема да се откажат да ги бранат македонските позиции и покрај тоа што политичкиот врв како што велат не ги открива документите, кои се на штета на Македонија.

За разлика од кај нас, францускиот предлог утре ќе види бел ден на комисиската расправа во бугарското собрание. Пред Комисијата, јавува БГНЕС, ќе биде презентирано мислењето на бугарското МНР за нацрт-записникот од заедничката средба според член 12 од Договорот со Република Македонија од 2017 година и пакет документи на Претседателството на Советот на ЕУ, односно францускиот предлог во врска со процесот на проширување.

Документите за преговорите меѓу Бугарија и Македонија немаат ознака за тајност и се впишани во јавната евиденција на Народното собрание и на Советот на министри на Бугарија велат од бугарското МНР и за тамошните медиуми информираат дека прашањето за почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ воопшто не било покренато на редовниот состанок на Советот за надворешни работи на ЕУ што се одржа вчера во Луксембург.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста