Историјата на Македонија да стане историја на Северна- скандалозен предлог пред Комисијата за научни дисциплини?!

Дали зад затворена врата во предавалната 61 на земјоделскиот факултет историјата на Македонија ќе стане историја на Северна Македонија. Телото со компликувано име – Комисија за изготвување на нова класификација на научните и образвоните области и полиња според Фраскатиевата меѓународна класификација расправа токму за ова, дознава од Алфа од свои извори.

Според нашите информации во предлог – верзијата која е пред Комисијата воопшто нема област историја на македонскиот народ, а ако биде прифатена, тогаш македонската историја од средниот, новиот век и така натаму би станала историја на Северна Македонија во сите историски периоди, со што дефакто би станала географска, а не национална историја на Македонците.

Од друга страна нашите извори откриваат дека оваа комисија подготвила и предлог да биде воведена област историја на албанскиот народ.

Алфа реши да ја провери точноста на овие информации, но тоа беше невозможно. Отидовме на Земјоделскиот факултет каде заседава комисијата, но не беше дозволено присуство и снимање на седницата, а ниту еден од членовите на не сакаше да одговара на нашите прашања. Еден од нив дури покажа и нервоза, зошто баш сега сме решиле да снимаме.

-Историја на Северна Македонија нема, не правете трач рубрики. (Зошто не ни дадете изјава или да ја снимаме седницата?) Не може да ја снимате ако не ви дозволат сите, може не сакаат луѓето да се снимаат. (Добро прашаме вас?) Не може да ме прашате, затоа што не можам да ви одговорам. Зошто не дојдовте на подрачје еден, зошто не дојдовте да снимате на подрачје два.(Зошто добивме информации дека има нешто.) Значи не ви одговорам сега, не сакам да ме снимате. Вашите информации не се точни. (Добро дајте да провериме.) Ама не може да проверувате ако немате пристап. Како да ви кажам, сега ќе побарам од деканот да ве отстрани, ни кажа еден од членовите на Комисијата.

А имавме конкретни прашања кои сакавме да ги поставиме во однос на информациите до кои стигнавме, прашања на кои за жал барем засега немаме одговор.

-Зошто барате наместо Македонија да стои Северна Македонија? Досега не стоело Република Македонија, туку само Македонија.

-Кога во Институтот за национална историја органите донеле одлука да се изготви ваков предлог?

-Дали се работи за политичка одлука во склад со политичките договори кои ги потпишуваше владата со Грција и Бугарија?

-Зошто да немаме национална историја на Македонија?

-Зошто да има историја на Албанскиот народ во Македонија, а да нема на Македонскиот народ?

Според неофицијалните информации на Алфа оваа идеја историјата на Македонија да стане историја ја Северна Македонија ја турка професор доктор Биљана Рисотвска- Јосифовска, со овластување на актуелниот директор, академик Драги Ѓоргиев. Во телефонски разговор таа ги демантираше овие информации, но одби да ни изјава што е тема на разговор на седницата на оваа Комисија.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста