Реконструкција на Владата: Стабилно мнозинство или на стаклени нозе?

Првиот ден од Собраниската седница за реконструкција на владиниот кабинет помина во знакот на напната атмосфера, разменување навреди, остри критики. Влезот на Алијанса за Албанците и излезот на Алтернатива отвора повеќе прашања – за колку ќе се зајакне парламентарното мнозинство, што ќе добие а што ќе изгуби Димитар Ковачевски, па дури и прашањето дали можеби на Македонија и претстои политичка криза – оти за најголем дел од проблемите пратениците не можат да се договорат.

Новото окрупнето парламентарно мнозинство ќе даде стабилност, извесност, активна поддршка на одлуките и реформите важни за продолжувањето по европскиот пат и за остварувањето на полноправното членство во ЕУ и на стратешкото партнерство со САД, како и на реализацијата на Програмата на Владата рече премиерот Димитар Ковачевски во Собранието.

Дали се работи за уцена и од кој вид? Дали се работи за уцена со цел влегување во Влада? Дали можеби природата на уцената е една убава куќа во еден елитен дел во Скопје, во населбата Тафталиџе која Арбен Таравари изминатиот период ја доби на поклон? Зошто велам на поклон? Затоа што во неговиот имотен лист пријавил дека куќа од 256 квадрати купил за 150 илјади евра – рече Николоски.

Премиерот Ковачевски чие излагање беше проследено со довикувања од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ порача дека ваквите одлуки не биле поврзани со желбите и барањата на кое било партиско раководство туку да се остане на единствениот пат на државата, патот до ЕУ. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Николоски му реплицираше дека нема поента Алијанса за Албанците да влезе во Владата и да се бори против корупцијата, кога целата Влада, како што рече, била корумпирана. Обвини и дека влезот на Таравари во Владата бил уценет со куќа во скопската населба Тафталиџе.

Доскорешниот коалициски партнер на премиерот и денеска гневен. Пратеничката од Алтернатива Сафије Садики децидна – тие биле единствените кои му подале рака на Димитар Ковачевски пред повеќе од една година, кога владиното мнозинство било во клиничка смрт.

Oд Алијанса за Aлбанците се убедени дека нивниот влез во Владата ќе значи многу, посебно во оваа, како што велат тешка година, на криза но и предизвици на патот кон ЕУ. Сепак, не се сигурни како ќе се обезбеди двотретинско мнозинство за промена на Уставот,

„Ние имавме политички и кадровски договор. Точките од тој договор, сите се опфатени од наша страна. За жал, другата страна, СДСМ, не го имплементираше и политичкиот договор, ниту кадровскиот. На крај го прекршија и решија да го поделат патот. Кршењето на договорот зборува многу лошо за СДСМ, кој не ги почитува тие кои им го спасија политичкиот живот во времето кога беа во клиничка смрт, но и лошо за земја која се стреми кон европски вредности. Тие ја поминаа последната етничка линија, да ти е жал со кого си соработувал до вчера“, рече Садики.

Расправата за реконструкцијата со која се опфатени замениците министри во ресорите одбрана, правда, земјоделство, образование и здравство ќе трае се додека не се исцрпи списокот на пратеници пријавени за збор. 

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста