Здравствениот систем тоне: Деца починаа во болница, а нема докази за причините, ниту одговорност

Наместо промени, нови скандали во македонското здравство. Во последниве 50-тина дена еден по еден, се множат случаите со трагичен епилог со предзнак за сомнеж во системска или лекарска грешка. Разрешница, а ниту одговорност нема за ниеден случај. 22 дена поминаа од смртта на шестгодишната Јана -обдукцискиот наод го нема. Од прилепскиот случај поминаа 50 дена – се уште нема релевантен извештај од која бактерија е причина за неповолниот исход кај жената. Пред два дена почина и новороденче во битолската болница, Телото е дадено на обдукција а во меѓувреме го нема ниту првичниот извештај од ДСЗИ.

До кога ќе се чека обдукцискиот извештај за смртта на малата Јана од ОЈО не добивме конкретен одговор.

 “За извршување на секое вештачење, вклучително и судско-медицинско, потребно е определено време согласно објективните околности и времетраењето на анализите кои треба да се извршат. Иста е процедурата и во наведениот случај, каде анализите земаат време, бидејќи задолжително е почитување на прецизни протоколи за работа со цел да се обезбеди целосна точност и веродостојност на добиените резултати​. Во меѓувреме, надлежниот јавен обвинител е во постојана комуникација со институцијата која ја врши обдукцијата” велат од ОЈО за Алфа.

Инаку, битолската болница од денеска има нов директор. Д-р.Елизабета Ивановска. Таа доаѓа на местото на д-р Александар Обедниковски, кој поднесе оставка од морални причини. Д-р Ивановска не сакаше да одговри дали и таа како нејзиниот претходник, ќе алармира за ситуацијата во болницата и ќе бара итно вработување на кадар со оправдување дека не е званично назначена.

По пресрет на скандалите во здравството – и јавноста прашува кога власта ќе се фати за работа и ќе го реши хаосот во здравството, особено кога станува збор за вработување на дополнителен медицински кадар. Граѓаните се разочарани од функционирањето на здравствениот систем.

Битолската, штипската и други болници од внатрешноста немаат кадар и постојано бараат вработување на здравствени работници, но никој не им одобрува. Оние од повисокото ниво, пак, сакаат регионализација за сите пациенти да не доаѓаат во Скопје. Овие проекти ги прават многу министри за здравство и засега само на хартија.

Aња Лукаревска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста