За помпезно отворениот авионски лет Скопје – Софија, веќе не се продаваат билети

Прекината продажбата на карти за авио линијата Скопје – Софија. По 21 мај не може да се купи билет за директниот лет од „Гуливер“.

На официјалната страна на бугарската авиокомпанија пишува дека летот е целосно распродаден, што е речиси невозможно ако од претходно се знае дека се продаваа по само десетина карти.

На прашањето од Алфа, дали ова значи укинување на летот кој беше помпезно промовиран, од Владата без прецизен одговор.

Авиокомпанијата која го оперира овој лет нема склучено договор за финансиска поддршка со Владата преку Министерството за транспорт и врски… Воспоставување на летот е од комерцијален аспект и од тие причини за сите бизнис планови Ве упатуваме да се обратите до авиокомпанијата за повеќе информации велат од Владата за Алфа.

Министерот за надворешни работи потврди дека има прекин, кој најверојатно е поради преговорите на компанијата со бугарската Влада околу субвенциониите.

Првата фаза, вели министерот за надворешни, било обид да се види комерцијалната рентабилност, а сега во тек биле преговори дали бугарската влада ќе продолжи ја финансира линијата.

Од бугарската авиокомпанија нема објаснување зошто престана да продава карти и за летот Скопје – Тирана.

Алфа чека одговор од скопскиот аеродром, дали линијата и официјално се затвора.

Летот Скопје-Софија почна да функционира на 28-ми март, редовно, секој  понеделник и сабота, во 5 часот наутро, со капацитет од 65 седишта. Авиолинијата беше еден од проектите на бугарскиот премиер Кирил Петков, за градење доверба помеѓу двете земји, кој беше промовиран во февруари од министрите за транспорт и врски на двете земји.

Ова беше четврти обид да се воспостави редовна авиолинија меѓу главните градови на Македонија и Бугарија, а претходните три беа неуспешни поради мал број на патници.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста