Заедничка богослужба на МПЦ-ОА и СПЦ во Скопје, чекор поблизу до автокефалност?

Црковна песна на македонски и српски јазик ќе се слушне во вторник во Соборниот Храм Св. Климент Охридски во Скопје. Архиепископот охридски и македонски Стефан и српскиот патријарх Порфириј повторно заедно ќе богослужат, овој пат на големиот македонски празник посветен на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј.

Со радост му соопштуваме на верниот народ дека од 23 до 24 мај 2022 година, во посета на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија ќе престојува делегација  на Српската Православна Црква предводена од Неговата Светост, Српскиот Патријарх г. г. Порфириј. На 24 мај, со почеток од 9 часот, во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје, Неговата Светост Српскиот Патријарх г. г. Порфириј и Неговото Блаженство Архиепископ Охридски и Македонски г. г. Стефан, заедно со архијереи од двете сестрински Цркви, ќе служат Божествена Литургија. Го повикуваме верниот народ на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија да земе молитвено учество стои во соопштението од МПЦ-ОА.

МПЦ-ОА и СПЦ веќе одржаа заедничка литургија во четвртокот, во храмот Св. Сава во Белград, откако во понеделникот Саборот на српската црква воспостави канонско единство со македонската црква. Саборот на СПЦ завршува на 23-ти мај, кога и се очекува Белград да испрати препорака до Цариград за конечно решавање на автокефалниот статус на МПЦ-ОА, на што се надева нашата црква.

Доколку Цариград ја добие таквата препорака од СПЦ, на Вселенскиот патријарх му преостанува само да премине кон чекорот за издавање Томос за автокефалност на МПЦ-ОА, објаснија за Алфа познавачи на црковното прашање.

Доколку таква одлука уследи во Вселенскиот Патријарх ќе биде олесното бидејќи мајка црква дава предлог МПЦ да стане автокефална… Доколку не уследи таков предлог ќе влеземе во една фаза на неизвесност кој не знаеме колку ќе трае вели БРАНКО ЃОРЃЕВСКИ – новинар, познавач на црковното прашање..

Високи црковни извори уште пред неколку дена за Алфа открија дека МПЦ-ОА и СПЦ веќе се имаат договорено за доделување автокефалност, а автономијата е само преодна фаза, како што налагаат канонските правила. Ова веројатно би значело дека Цариградската Патријаршија до крајот на мај би ја добила препораката за автокефалноста, неспосредно пред заедничкото сослужување на македонскиот архиепископ Стефан со вселенскиот патријарх Вартоломеј, закажано на празникот Педесетница, на 5-ти јуни, во Цариград.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста