Жителите на Лозово ги пријавија штетите од невремето, но немаат надеж дека ќе ги видат парите

Над 270 барања за утврдување на штети од минатомесечното невреме, се пристигнати до двете  комисии, формирани од страна на Општина Лозово. 200 од нив се за земјоделски површини, а останатите за движен и недвижен имот. Откако не престигнаа вештите лица од Бирото за судски вештачења, како што вети министерот за земјоделие, за процесот да не се одолговлекува, членовите на општинските комисии сами излегоа на терен, а дополнително помага и вработен во светиниколста единица на Министерството за земјоделие,објаснува градоначалникот на Лозово.

  „Министерот ни вети дека преку Биро за судски вештачења ќе ни обезбеди вешти лица кои ќе утврат реална штета што беше предизвикана од самото невреме. Меѓутоа, се случи тие лица да не присуствуваат и моравме комисиите да ги пуштиме на терен и да утврдат штета„-изјави градоначалникот на Лозово, Бошко Цветковски.

Колкави се штетите што изминатиот месец ги претрпеа жителите на Лозово, за сега е неизвестно. За дел од земјоделците понесувањето на барање за обештетување е само губење на драгоцено време. Тие се уште ги чекат државните пари за оштета од невремето што ги зафати во 2018.

 „Не ни е платено од 2018година. И затоа повеќе не поднесувам за обештетување . Отогаш се разочарав и повеќе не пријавувам„-вели земјоделец од Ѓуземелци.

Минатиот месец Лозово во три наврати беше мета на природни стихии. Градот со големина на пинг-понг топче испокрши шофершајбни предизвикаа штети на магацини, гаражи, семејни куќи, а поплавите ги однесоа лозовите насади. 

Александра Ристевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста