Големи порази на историски план: За пет години власта не врати во 19-ти век кога историјата е во прашање

За само пет години власта не врати во 19-от век. Два договори, еден со Грција, еден со Бугарија, соседите добија, Македонија на историски план загуби и тоа многу. Главниот проблем настана кога политиката почна да се меша во историјата, а тоа за жал се случува и ден денес, што можеме да го видиме во преговорите со источниот сосед, кој бара ревидирање на македонската историја по нивни терк, за да ни дадат зелено светло на европскиот пат. Универзитетскиот професор по историја, Митко Панов за Алфа вели дека ова што се случува на историски план последниве години е недозволиво. 

-Историјата стана фокус на политиката и орудие на соседите да ги диктираат своите стратешки определби и интереси кон Македонија. Македонија во суштина е во дефанзивна позиција и се враќаме во периодот на 19-от век. Тоа е апсурдот што е неприфатливо, бидејќи секоја држава, секоја нација има право на свој национален наратив, изјави Панов.

Можеби најголем пораз за македонската историја ќе биде доколку таа на крајот стане историја на Северна Македонија. За што според информациите на Алфа, се разговарало на Комисијата за класификација на научните области според Фраскатиевата меѓународна класификација. Професорот Панов вели немал информации за такво нешто, но ги потенцираше проблемите што би се случило ако дојде до тоа. Проблематично е што класификацијата Фраскати ги дефинира идните специјалности во научната и образовната сфера и она што стратешки ќе се изучува во високото образование.

-Во суштина подразбира и стратегиска форма на идниот развој на наука и образование, зборувам сега за секоја нација и секоја држава. И затоа истата според мене има импликации на две нивоа, првото е детерминирање на научно истражувачките полиња, што самото по себе ги дефинира и научните специјалности, односно од тоа во иднина зависи како државата гледа стратегиски на идниот развој на научно образовниот капацитет на државата, изјави Панов.

Инаку според информациите на Алфа, пред телото со компликувано име постоел предлог историјата на Македонија да стане историја на Северна Македонија. Според нашите информации во предлог – верзијата воопшто нема област историја на македонскиот народ, а ако биде прифатена, тогаш македонската историја од средниот, новиот век и така натаму би станала историја на Северна Македонија во сите историски периоди, со што дефакто би станала географска, а не национална историја на Македонците.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста