Генчовска во Скопје на средба со Османи – Николоски повикува Бугарија да собере храброст да го тргне ветото

Шефицата на бугарската дипломатија Теодора Генчовска пристигна во Скопје – овие два дена ќе се одржат работни состаноци помеѓу министерот за надворешни работи Бујар Османи и Генчовска. Двете министерства решија да ги заобиколат стандардните активности кои се организираат при доаѓање на речиси сите делегации,средбите да бидат зад затворени врати – а нема објавена агенда ниту закажани прес конференции. Од МНР само соопштија дека Генчовска доаѓа на покана на Османи.

Посетата се реализира на покана на министерот за надворешни работи Бујар Османи, а е во функција на двете министерства за адресирање на отворените билатерални прашања – информираа од МНР.

Потпрестедателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, со остри критики за моменталните односи со Бугарија, повика веднаш источниот сосед да ја тргне блокадата а на Ковачевски и Заев им порача дека не може да зборуваат за патриотизам кога го потпишаа Преспанскиот договор и кога го променија уставното име, рушејќи ги сите темели на Македонија.

Причините се најмалку две, една секако е ветото кое што Бугарија го става на европските интеграции на Македонија и повикувам еве тука од Битола да Бугарија собере храброст и сили и на следниот самит кој што ќе се одржи за неколку недели во Луксембург да го тргне тоа фамозно вето за почеток на преговори на Македонија со ЕУ и Македонија да почне преговори со ЕУ, затоа што тоа пред се го заслужуваат граѓаните на Македонија – изјави Николоски.

Освен разговори на тема: Билатералните односи меѓу двете земји и Договорот за добрососедство и пријателство, ништо не и е познато на јавноста, дали и што ќе се договорат Генчовска и Османи овие два дена. Не се знае што ќе донесе оваа средба во пресрет на јунскиот Самит кога се поизвесно е дека Бугарија ќе опстои на ветото.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста