„Во Фокус“: Македонија во Хаг ги сруши аргументие на Грција за спорот со името, па седум години подоцна политичарите се согласија да го променат

Седум години пред да го смени името и да си ја закова кованицата Северна, Република Македонија преку Хаг успеа да го бутне главниот аргумент на Грција околу спорот за името. Поради блокадата за влезот во НАТО, во 2008-ма година тогашната Влада реши да ја тужи Грција пред меѓунардниот суд на правдата, а тужбата заедно ја спремаа меѓународни и домашни правни експерти. Дел од тој тим беше и универзитетскиот професор Тони Дескоски.

Пред камерата на Алфа, вели дека помалку и несакајќи, поради приговорите кои Грција сама си ги поднела Македонија добила двојна победа во Хаг. Покрај пресудата дека Атина ја прекршила времената спогодба со ветото, судот пресудил и дека Македонија нема иредентисчки цели, со што според Дескоски воопшто немало причина да има спор за името.

-Судот решаваше по грчките приговори за една низа на наводни дејствија на нашата држава со кои што се прекршува времената спогодба наводно, а кои што во суштина беа еманација на наводната иредентистичка политика на нашата земја. Сите беа одбиени од судот како неосновани и со тоа всушност падна грчкото тврдење за иредентизам од страна Република Македонија, а без иредентизмот спорот за името практично нема суштина, изјави Дескоски. 

Во периодот кога Македонија ја поднесе тужбата во Хаг, министер за надворешни работи беше Антонио Милошоски, кој и сам учествуваше во подготовката на оваа тужба. Тој за Алфа вели дека Македонија успеала да победи пред меѓународниот суд, бидејќи аргументите биле на наша страна.

-За разлика меѓународното поле каде што Грција најчесто го употребуваше аргументот на силата во меѓународниот суд на правдата најважна е силата на аргументите. Силата на аргументите беше на наша страна и после три години Македонија во 2011-та година, заслужено според мене едногласно со еден отсутен, рускиот судија беше отсутен и еден против, придружниот член судија од Грција беше против, сите други 14 судии едногласно ја поддржаа и пресудија за Македонија.

Сепак, жали што на крајот Македонија предводена од друга Влада успеала самата да си ја урне победата во Хаг, на еден начин и погазувајќи го меѓународното право.

-Со еден широк правнички меѓународен консензус, Македонија ја доби тужбата во своја корист пред меѓународниот суд во Хаг. Но, за жал истата држава, преку друга Влада потоа ја турна оваа пресуда на страна и наместо да му даде поддршка на меѓународното право и принципи, македонската Влада тогашна даде поддршка на пазарењето на еден премиер кој што беше обвинет, па имаше желба како да излезе од таа ситуација, изјави Милошоски.

Дескоски е на ставот дека оваа пресуда беше голема победа за Македонија, која според него не сите, ниту од едната, ниту од другата политичка страна, не ја прифатиле како победа.

-Премногу фактори имаше во нашата држава кои што всушност и не ја сакаа таа пресуда, едни заради тоа што со таа пресуда не го добивме античкото македонско наследство, другите заради тоа што се виде дека некој може да направи исчекор и да ја победи Грција во нејзината игра, изјави Дескоски.

Амбасадор на Македонија во Хаг во 2011-та година беше човекот со чиј параф го променивме името, Никола Димитров. Седум години пред да го потпише Преспанскиот договор, тој оваа пресуда ја славеше како голема победа.

-Ова е голем ден за Македонија. Побаравме правда и ја добивме, порача тогаш Димитров.

За жал оваа пресуда не беше доволна Грција да ја тргне блокадата за Македонија, со оглед на тоа што судот во Хаг не и наложи на Грција да мора да го тргне ветото.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста