Во Македонија не е проблем само енормното аерозагадување, нема и депонии според европски стандарди

Република Македонија која со години се наоѓа на врвот од неславната светска листа на држави со енормно аерозагадување, безмалку веќе две децении има сериозен проблем и со изградбата на современи депонии. Иако се донесени голем број закони, а согласно препораките на Европската комисија, тие и понатаму остануваат само мртви букви на хартија. Реални регионални системи за управување со отпадот, нема. Единствено, извесен напредок е забележан во некои општини во примарната селекција на отпадот.

   „Сеуште Прилеп е на првото место во селкцијата на отпад. Јавноста е запозната дека во 2025 година би требало да профункционираат регионалните депонии. Ние припаѓаме во ЈЗ регион што значи дека Прилеп би бил претоварна станица за околните општини Крушево, Кривогаштани и Долнени, а Регионалната депонија би била во село Новаци. Имаме аплицирано со проекти за Меѓугранична соработка со соседните земји како би се отпочнало со доизградба на Фабриката за секундарна селекција за отпад“, вели Рубин Абрашоски, директор на ЈКП „Комуналец“ – Прилеп.

  Според Абрашоски, ова би значело дека сиот отпад што може да се преработува, ќе се преработува во Фабриката, а додека оној што не ќе може да биде рециклиран, ќе се депонира на Регионалната депонија во Новаци со што ќе се заштедат и значителни средства од граѓаните.

  Санитарната регионална депонија во Новаци, во која отпад ќе депонираат дури 18 општини, а меѓу нив и: Битола, Прилеп, Охрид, Кичево и Дебар, според најавите од Министерството за животна средина, треба да започне да се гради годинава и да биде завршена до 2025 година. Ова пак, наиде на бурни реакции кај граѓаните кои сметаат дека недозволиво е во срцето на најголемата македонска житница – Пелагонија да се гради Регионална депонија. За разлика од нив, градоначалникот на Новаци, Стевче Стеваноски уверува дека овој проект вреден 22 милиони евра, кои се позајмица од ЕБОР требало да биде изграден според сите стандарди како Фабрика за рециклажа на отпад, со нулта загадување. Поточно, во новата Фабрика ќе се селектира и рециклира целокупниот отпад од кој, органскиот отпад ќе биде подложен на процес на анаеробна ферментација од што би се добил биогас кој би се користел за производство на електрична енергија. А исто така, би се отвориле и нови работни места за локалното население.

  Инаку, прилепскиот модел на селекција на отпадот, а кој се применува повеќе години наназад, веќе го препорачува и Министерството за животна средина и им советува на општините да го следат примерот од Општина Прилеп, со што би се подготвиле за идниот предизвик, односно депонирање само на некорисни отпадни материјали во идната Регионална депонија.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста