ВМРО-ДПМНЕ излегува на улица: Голем народен протест за пад на власта во Македонија- дали и ДУИ размислува за предвремени избори?!

Со порака дека е премногу и дека молчењето не е опција ВМРО-ДПМНЕ излегува на улица, на голем народен протест, кој што ќе се одржи на 18-ти јуни. Ова е одлуката која што ја донесе Извршниот Комитет на најголемата опозициска партија. Како што информирааат од таму причината за протестот е кризата во државата и отсуството на било каква подготвеност за политички дијалог од страна на власта. Главната цел пак е доаѓање до предвремени парламентарни избори.

-Протестот очигледно е изнуден и повеќе од неопходен. И затоа ги повикуваме сите граѓани да ни се придружат и во еден глас да соопштиме дека тие се оние кои ја даваат и одземаат довербата, време е да се обединиме, а нашите граѓани се мудри и знаат да го направат вистинскиот избор. Повторувам, молкот не е опција, протест за промени и подобар живот, премногу е, ова а протест за промени, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски.

Владејачката СДСМ пак повторно со истиот став, дека избори ќе имало во 2024 и ги повикаа пратениците на опозицијата да ја прекинат блокадата.

-Сега, откако неуспешните блокади проападнаа, редно е пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да ги закажат седниците на Комисиите на кои кочат важни закони за граѓаните. Затоа што се виде дека одолговлекувањето не носи ништо, никој не добива, а граѓаните чекаат, изјави портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски.

Додека е СДСМ се цврсти на својот став, други пораки пристигнуваат од нивниот коалиционен партнер ДУИ. Како што јавува порталот на албански јазик КД Политик, повикувајќи се на свој партиски извор, доколку повторно имаме европска блокада во јуни, Интегративците ќе гласале за предвремени парламентарни избори.

-Блокадата на парламентот од страна на опозицијата и можниот недостаток на европска перспектива со неопределување датум за преговори не оставаат друг избор освен одржување на нови парламентарни избори, вели за овој медиум изворот од ДУИ.

ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека активната блокада на Собранието ќе продолжи и наредниов период, се додека премиерот Димитар Ковачевски не ја прифати поканата за лидерска средба на која ќе се договори датум за предвремени парламентарни избори.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста