Владата си чекаше три години: На година до изборите, дури сега почнува за разговара за промена на изборниот модел

Се чекаше цели три години, за на помалку од година до изборите, власта да реши воопшто да разговара за изборни реформи. За таа цел формирана е работна група, која ќе треба да ги имплементира препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Останува отворено прашање дали воопшто има време да се случат промените , за кои краен рок е шест месеци пред изборите, кои најдоцна би требало да се одржат на крајот на април 2024-та. Во трката со времето сигурно на помош нема да биде фактот што телото со кое ќе раководи поранешниот претседател на ДИК, Александар Новаковски се уште немало ни прва средба, таа ќе се случи во среда на трети мај.

Првиот човек на работната група за изборните реформи вели дека има голем број забележки од ОБСЕ/ОДИХР, пред се во однос на нееднаквоста на гласовите, во една и во друга изборна единица.

-Има забелешки каде што сметаат дека се прекршени копенхашки критериуми, што е тешка забелешка. Значи ние подолго време не сме имале, а во последните изборни циклуси се повторува таа забелешка, а тоа е за еднаквоста на право на глас. Значи за да се стане пратеник во некои изборни единици се помалку потреби гласови, отколку во други. Значи тоа прашање мора да се отвори, нема бегање, изјави Новаковски.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во оваа работна група, но отворени се веднаш да поддржат менување на изборниот модел и една изборна единица. Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски вели дека гласот на секој граѓанин мора да вреди еднакво. Според него недозволиво е она што се случува во моментов, односно пратеник во шестата изборна единица да се бира 5.500 гласа, а во другите со 7.500. Ја повика власта да прифати ваквиот модел пред следните избори.

-Јас апелирам до владејачката ДУИ и до коалициониот партнер Алијанса за Албанците, мислам дека како тие ќе донесат одлука така помалиот партнер СДСМ ќе ја прифати. Да излезат во јавноста да ја прифатат оваа одлука за една изборна единица, навистина нема потреба од национализам, нема потреба од иредентизам. Секој граѓанин е еднаков пред Уставот, и тие што гласаат што Тетово и во Гостивар, треба да се подеднакви со тие што гласаат во Струмица, во Василево, во Босилово, Ново Село, изјави Мицкоски.

Од СДСМ не кажуваат прецизно дали се за или против една изборна единица, наведуваат дека имале принципиелни ставови и учествувале во работата активно и ги поддржуваат неопходните измени за имплементација на сите препораки на ОБСЕ/ОДИХР. 

Една изборна единица е веќе со години барање и на сите помали политички партии, а е во програмите и на помалите коалициони партнери на СДСМ, кои така би ги зголемиле своите шанси да добијат повеќе народни избраници.

Непознат е ставот и на албанскиот политички блок, кои најмногу би загубиле при евентуална една изборна единица. Бидејќи токму гласовите во шестката е онаа проблематичната, таму се потребни помалку гласови за еден пратеник во однос на другите. А од таму доаѓаат најголемиот број на пратеници од ДУИ, Алијанса за Албанците и другите албански партии.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста