Владата не е задоволна од мерките што самата ги донесе

Владата нема план како да се справи со инфлацијата. Повторно најавува нови мерки и покрај предупредувањата на експертите дека тие не се конзистентни и ефикасни. И додека аналитичарите бараат долгорочни мерки кои нема често да се менуваат, трговците ги намалија цените, но не доволно. Ниту министерот за економија Крешник Бектеши не е задоволен од мерките за ограничување на маржите. Трговците се жалеле дека не ги дотрошиле залихите или пак дека немале време да ги усогласат цените. И додека граѓаните секое одење во маркет се поскапо ги чини, Бектеши најавува можно проширување на мерките на следната владина седница наредниот вторник. Без да даде повеќе детали, не исклучува ниту можност за ново замрзнување на цените. Сепак, вели дека тоа и не била добра опција во овој момент.

За оние трговци кои нереално ги пумпаат цените ќе има парични казни, затворање и забрана за вршење дејност. Глобите зависно од големината на фирмата изнесуваат од 500 до 10 илјади евра. Забраната за вршење дејност може да трае од 15 дена до дури две години, а предвидена е и забрана за вршење професија за физичките лица од 3 месеци до една година.

Маржите во трговијата повторно се ограничија на 5 и 10% минатиот вторник. Граѓаните се жалат дека речиси ништо не поевтинило, освен маслото за јадење и тестенините. Претходните антикризни мерки кои важеа до крајот на мај не дадоа никакви резултати. Токму минатиот месец инфлацијата се искачи на 12%, а експертите алармираат дека таа може да достигне и до 15 отсто во јуни.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста