Владата нема абер да прогласи кризна енергетска состојба

Владата нема абер да прогласи кризна енергетска состојба. Иако најавена за август, засега нема информации кога тоа би се случило. Од Владата велат дека засега нема закажано нова седница, ниту пак знаат кога оваа точка би се ставила на дневен ред на усвојување. Само потврдија дека Владата останува на ставот дека ќе мора да се прогласи кризна состојба во енергетиката во текот на месецов. И додека експертите и опозицијата критикуваат дека Владата сака да прогласи енергетска криза за да склопува криминални договори во 4 очи, премиерот и министрите на големо негираа дека тоа се шпекулации и дека прогласување на кризна состојба ќе има за да се искористи заемот од ЕБОР кон ЕСМ во висина од 100 милиони евра за купување на јаглен, мазут и гас за работа на термоелектраните и топланите. Во краен случај, овие пари ќе се искористат, ако има потреба и за купување струја  од странство. Засега ЕСМ се уште нема склучено договор за набавка на јаглен за да почне со работаТЕЦ Осломеј. Во август, според најавите на директорот Ковачевски, треба да се објави и нов оглас за набавка на 180 до 200 илјади тони мазут кои треба да бидат доволни за периодот од ноември до април.

Министрите од економските ресори, исто така, упорно негираат дека има потреба од воведување рестрикции на струја и покрај тоа што сите експерти алармираат дека 100% покривање на потребите на домаќинствата, државните електрани тешко ќе обезбедат. Потврдија дека ќе им дадат насоки на државните институции да штедат, но тоа нема да биде задолжително, туку ќе остават на совеста на директортите  и вработените. Затоа пак, на големо побараа, по којзнае кој пат од домаќинствата да штедат струја.

И додека Владата сè уште калкулира со можни рестикции на струја, за разлика од нас, европските држави веќе одамна почнаа да се подготвуваат за тешката зима. Секој ден расте бројот на членки на Европската унија кои воведуваат мерки за штедење на струја и рестрикции, а истото го бараат од граѓаните. Последна во низата е Шпанија. Мерките предвидуваат во сите јавни установи, трговски центри, кина, хотели, аеродроми и јавниот превоз, уредите за климатизација да не смеат да се поставуваат на температура пониска од 27 степени во лето и повисока од 19 во зима. Европскиот план за итни случаи договорен минатата недела предвидува и бизнисите да ги држат вратите на нивните објекти затворени со помош на автоматски систем, а осветлувањето во неискористените канцеларии, излозите и спомениците да мора да се исклучи по 22 часот. Сите држави ги повикаа бизнисите да го зголемат обемот на работа од дома.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста