Бугарските историчари во Комисијата: За разлика од нашите, тие со голем успех си ја завршуваат работата, од македонските добија се што посакаа

Една комисија, 10-тина историчари, едните со успех си ги исполнуваат и бранат своите интереси, другите сосем обратно. Едните се бугарските, другите оние македонските. Речиси се што побараа минативе години Бугарите на чело со Ангел Димитров добија и тоа преговарајќи со Македонците на чело со Драги Ѓоргиев.

Но тоа не беше доволно, за барем да престанат навредите од нивна страна кон македонските колеги, македонските граѓани и воопшто Македонија како држава. Не сме знаеле што се случувало во историјата, сме биле прогласени за Срби, и сме мислеле само на антибугарска пропаганда.

-Тие немаат сознанија што се случувало во првата половина на минатиот век кога населението таму беше прогласено за српско и кога имаше терористички режим, кога таму имаше страшно насилство и постојани репресии. Тоа се чини дека воопшто не ги интересира, па знаат само за пропагандата и манипулациите по 1944 година, а за жал таа пропаганда е антибугарска, изјави Ангел Димитров на 20.09.2022 година.

За возврат на ваквите провокации бугарските историчари си го добија и се уште го добиваат она што го сакат. Па така Цар Самоил, светите браќа Кирил и Методиј, Свети Климент, Свети Климент и Свети Наум, покрај македонски, во македонската историографија станаа и бугарски. Отстапка направивме и за Самоиловото царство, за кое историчарите договорија дека било бугарско.

Наместо реципрочен однос на целосната попустливост на македонските историчари, сосем обратен однос добиваме од источниот сосед. Вториот човек во бугарскиот дел од историската Комисија, Наум Кајчев, ни порача дека Никола Вапцаров и најголем дел од Македонците биле Бугари, кои живееле на теротирјата на Македонија, изјава што дојде само ден по отворањето на клубот на Македонците во Бугарија именуван по Вапцаров. 

-И ние како народ имаме јасно минато, како родово, така и семејно. Исто така и историските факти за нашите две страни, Бугарија и Северна Македонија се недвосмислени дека во минатото поголемиот дел од нашето население составувал една етничка група, односно еден народ, каков што бил на Вапцаров родот. Географски македонски и народно односно национално бугарски. Во тоа не може да има никакви сомнежи, изјави Кајчев на 31.10.2022 година.

Иако добро е познато дека историските прашања се едни од најгорливите и најболни за Македонците, провокациите од бугарските историчари доаѓаа и директно во Македонија и тоа во самиот центар на главниот град. При отворањето на Културно информативниот центар на Бугарија, од рацете на Кајчев подарена беше икона од Свети Климент Охридски, со порака дека бил заеднички светец.

За возврат на ваквиот бугарски однос, покрај реципроцноста која што немаше од нашите историчари, ја немаше ниту од политичарите. Па дури и еден македонски премиер, во овој случај Зоран Заев порача дека сме имале заедничка историја и дека Делчев бил заеднички херој на Македонците и Бугарите.

-Ние немаме споделена историја, немаме ни вкрстена историја, ние имаме заедничка историја, изјави 25.11.2020 година.

-Гоце Делчев е револуционер и за Бугарите и за Македонците, кој што се борел и за слободата на Македонија и за Одринско и за се и тоа е апсолутна реалност, изјави Заев на 25.11.2020 година.

-Одличен мегдан е нашиот заеднички историски јунак, Гоце Делчев, изјави Заев на 11.10.2020 година.

За разлика од македонските историчари, бугарските ни милиметар не се помрднуваат од своите црвени линии. Никако не сакаат да признаат дека македонската нација и јазик постоеле пред 1945-та година. А слично постапуваат и политичките сили, па после само ден од отворањето, беше забрането и дејствувањето македонскиот културен клуб во Благоевград „Никола Вапцаров“.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста