В понеделник и јајцата одат под мраз?! Се прават анализи за замрзнување на шеќерот и оризот

Власта готви нова листа на производи кои веќе од утре треба да добијат нова, намалена цена. Најверојатно и јајцата ќе заминат под мраз, а на листата за замрзнување на цените, се очекува да се најдат и шеќерот и оризот. Дел од помалите производители кои одгледуваат кокошки со кои разговараше Алфа, велат дека власта свесно сака да им го земе „лебот“, и за нив е прифатливо да се намалува цената, посебно не сега пред Велигден.

Граѓаните со душа чекаат да купат поевтино, и сметаат дека намалување треба да има кај повеќе продукти.

  • Сирењето од 280 отиде на 380, па сега го спуштија на 350. Ова ли е намалување, прашуваат граѓаните, и бараат да се намалат цените и на останатите производи, особено на овошјето и зеленчукот.

Претходно, поради не почитување на одлуката за замрзнување на цените на тестенините и млечните производи, инспекцијата казни 4 компании со глоба од 18.200 евра, зашто и натаму печалат врз и онака сиромашниот граѓанин.

Капак на се и скапото овошје и зеленчук. Кромидот кој до лани се продаваше за 50, 60 денари за килограм, сега надминува 100 денари, велат трговците. Цената е висока, зашто тој доаѓа од увоз, бидејќи немаме домашно производство.

Во меѓу време, инспекцијата прочешлала над 250 фирми низ Македонија. Оние кои ќе си тераат по свое, ќе платат од 800 па се до 10.000 евра, во зависност од големината на компанијата.

  • Во понеделник ќе ги соопштиме називите кои не ги почитувале одлуките. Законите ќе важат за сите и нема да има никаква селекција, вели Горан Трајковски, директор на пазарен инспекторат.

Инаку, одлуките за замрзнување на цените следуваат откако дел од прехрамбените компании три месеци користеа евтина струја, а и натаму скапо ја продаваа храната.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста