БИРН Србија: Рашковски бил на таен состанок со Колувија во 2019-та

Драги Рашковски летото 2019 година бил во Ниш на состанок со контроверзниот бизнисмен Предраг Колувија, обвинет за нелегално одгледување марихуана во Србија, но и сопственик на две фабрики – плантажи во Македонија, пренесува истражувачката мрежа БИРН Србија. Со нив бил и Зоран Стојковиќ, директорот на српската воена разузнавачка служба. БИРН Србија дошле до документ, во кој пишувало дека на состанокот во нишката кафеана „Мрак“ бил „шефот на кабинетот на премиерот на Македонија, Драги“, а според нивните извори, всушност, станувало збор за поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски.

„Од документот не е јасно која била целта на разговорот во таверната лоцирана на периферијата на Ниш, но се наведува дека била многу важна средба“, пишува БИРН Србија.

Екс владиниот секретар во разговор со БИРН Македонија пред да го објават текстот , бил јасен дека не сака да зборува со новинари, освен за актуелното обвинение против него околу контроверзната набавка на софтвер.

Инаку, Колувија беше уапсен во ноември 2019 година под сомнеж дека наместо индустриски коноп, нелегално одгледувал марихуана на плантажата „Јовањица“. Колувија, до истата година  беше еден од сопствениците на две фирми во Македонија за легално производство на канабис за медицински цели, а по апсењето македонските власти ѝ ја одзедоа лиценцата на фирмата „ТХЦ Квалити груп“, која веќе произведуваше марихуана близу македонското село Росоман, поради како што беше кажано: фирмата не водела евиденција за секое стебло канабис, што е строга законска обврска.

Колувија имал повеќе партнери во Македонија со кои легално одгледувал марихуана за медицински цели, но најголемо внимание привлекуваат струмичаните Александар Пиперевалиеви Горан Крстев. ВМРО-ДПМНЕ го поврзуваше Пиперевалиев токму со Рашковски.

Обвинувајќи за непотизам при доделување тендер, партијата тврдеше дека Рашковски и Пиперевалиев се роднини, односно нивните мајки биле сестри. Рашковски тогаш реагираше дека неговата мајка нема сестра, меѓутоа децидно не демантираше дека има роднински врски со Пиперевалиев.

Крстев, пак, во 2008 година, заедно со Зоран Заев како градоначалник, беше приведен за аферата околу изградбата на трговскиот центар „Глобал“ во Струмица и подоцна аболиран од тогашниот претседател Бранко Црвенковски.

Колувија, во моментот кога го апсела полицијата, бил на пат за Македонија да аплицира за почесен конзул на нашата држава во Србија. Ова го тврдеше самиот тој лани во октомври во првото интервју, откако по речиси две години беше пуштен во домашен притвор пишува БИРН. И откако српската полиција го уапси Колувија и во постапката се покажа дека има соработници во Македонија, македонското обвинителство никогаш не отвори истрага.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста