Антикорупциска: Ковачевски да каже кој го платил патувањето на неговите деца

Премиерот Ковачевски транспарентно да покаже кој ја плати екскузијата на децата во Њујорк и Вашингтон е ставот на првата антикорупционерка Билјана Ивановска. На колегиум Ивановска заедно со останатите членови ќе дискутираат за можноста да истражуваат кој го плати патувањето и дали е во приватна режија како што вели премиерот, или за децата е финансирано како и за останатите членови на делегацијата. Ивановска децидна. Ако веќе отишле и не е на товар на државата, Ковачевски да покаже, вели таа.

„Како што биле така и треба да покаже како е платено. Ние ќе имаме колегиум на кој ќе одлучиме дали треба да се оформи предмет за овој случај“, вели Билјана Ивановска, претседателка на Антикорупциска Комисија

Речиси десет дена Владата молчи за тоа во кое својство децата на Ковачевски биле на прошетки заедно со членовите на владината делегација во Соединетите држави. Не одговараат ниту на прашањето кој е финансиерот. Како патувале дали имале обезбедување, дали спиеле одделно во други хотели, како е платено за нив на заедничките прошетки со членовите? Прашања има многу, но за жал нема конкретен одговор ниту од премиерот. Прво се правдаше со „Вујче од Америка“, за потоа да тврди дека патувањата на неговите деца се приватна работа за која како што вели, нема врска со народни пари.

„Како што кажав и досега, патувањето на моите деца е приватна работа и нема врска со државниот буџет“, вели Димитар Ковачевски, премиер на РМ 14.05.2023

Патувањето е приватна работа, за која премиерот нема намера да покаже кој плати.

Владина делегација за која засега нема официјални информации колку членови брои речиси цела седмица беа во работна посета на одбележувањето на 30 годишнината од членството на Македонија во Обединетите Нации. Неофицијално Алфа дознава дека делегацијата брои околу 30 членови за кои портпаролот на Владата не дава информации колку народни пари се потрошени за оваа работна посета.

Во придружба на Ковачевски според сликите што осамнаа на социјалните мрежи е и сопругата Елена Ковачевска, вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска, како и министерот за надворешни Бујар Османи.

Алфа испрати барање за пристап до информации од јавен карактер до Владата во кое бара одговори, но согласно законските прописи, рокот за одговор е 30 дена.

Паула Костадиноска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста