Американскиот претседател најави зајакнување на програмите за демократијата

Вредностите на демократијата, владеењето на правото и почитувањето на човековите права се нападнати ширум светот, предупреди Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш на овогодинешниот Самит за демократија во Вашингтон.

  • „Ѕидовите се затвораат кон граѓанските простори, уставните права се скратуваат и граѓанските слободи се нагризуваат. Слободата на изразување е во слободен пад“, рече Гутереш.

Откако Гутереш ги повика земјите да ја обноват довербата и да се справат со нееднаквостите, Американскиот претседател најави зајакнување на неколку програми кои ја унапредуваат демократијата.

  • „Планираме да додадеме уште 690 милиони долари за ново финансирање на претседателска иницијатива во следните две години. Во текот на три години, мојата администрација има намера да работи со Конгресот за да издвои 9,5 милијарди долари во сите наши напори за унапредување на демократијата ширум светот“, рече Бајден.

Посебно внимание ќе се посвети на технологијата што го унапредува демократското владеење, рече тој.

  • „На почетокот на оваа недела потпишав извршна наредба овде во САД за ограничување на употребата на американската влада на комерцијален шпионски софтвер што беше злоупотребен за да ги таргетира дисидентите, активистите и новинарите ширум светот, вклучително и овде во САД, додаде Бајден.

Министерството за одбрана на Украина објави снимка од војници кои тестираат оклопни возила испорачани од Германија.

На Самитот за демократија, украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој учествуваше виртуелно, го потсети светот зошто поддршката на неговата земја против руската инвазија е клучна.

  • „Русија долго време војува со сите вас, со демократиите во светот. Се бори со дезинформации, мешање во изборите, шпионажа, корупција, извоз, сајбер криминал“, рече Зеленски.

Тој повторно повика за повеќе оружје што би можело да ја обезбеди победата на Украина оваа година.

Во меѓувреме, во Москва, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров се состана со неговиот ирански колега, околу напорите за посредување на Техеран.

  • „Разговаравме за Украина. Ја поддржуваме секоја иницијатива што ќе помогне да се запрат борбите“, рече Хосеин Амирабдолахиан.

При посетата на украинската нуклеарна централа Запорожје во средата, шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија Рафаел Маријано Гроси, исто така, ги повика Киев и Москва да ги зајакнат разговорите.

На Самитот за демократија во Вашингтон, премиерите на осум европски земји Украина, Молдавија, Полска, Чешка, Естонија, Летонија, Литванија и на Словачка потпишаа отворено писмо до главните извршни директори на големите компании за социјални медиуми, во кое ги повикуваат да бидат поагресивни во блокирањето на ширењето на лажни информации на нивните платформи.

Јованчо Наумоски, Глас на Америка – Вашингтон

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста