Универзитетските професори ќе протестираат пред Владата на 30-ти јуни

И професорите од УКИМ ќе застанат на Илинденска. На 30-ти јуни Синдикатот  организира протест пред владата за да го изразат своето незадоволство од како што велат „драматично влошената материјална состојбата на вработените на Универзитетот“. Никогаш во својата историја вработените на УКИМ не биле во потешка материјална состојба од денес велат професорите, а месечните примања се исклулчително ниски и неспоредливи со  универзитетите во регионот.

Сојузот на синдикати веќе оддржа предупредувачки протест пред Ректоратот на УКИМ, на кој беше побарано Владата да обезбеди зголемување на платите.

„Бараме најитно да се потпише нашиот колективен договор за којшто преговараме повеќе од една година за да се врати достоинството на научните работници и вработените на УКИМ. Бараме значително да се подобри нашата материјална положба со вистинско и систематско покачување, четиригодишно покачување за да дојдеме до достоинственото ниво на плати во регионот рече Д-р Ангел Ристов – Претседател на Сојузот на синдикати на УКИМ на 02.06.2022.

Поддршка за протестот организаторите тогаш добија и од ректорот Никола Јанкуловски, кој истакна дека ректорската управа и сенатот кој брои скоро 70 редовни членови дале поддршка за покачување на платата и испратиле дописи до Владата, Собранието, како и МОН.

„Вработените на Универзитетот се чувствуваат занемарени, со оглед дека платата на професорите е 39 илјади денари, буџетска плата, а од друга страна сите наставници од регионот имаат 1.500 евра, мислам дека е редно да се смогнат сили и да се направи нешто“ – соопшти Никола Јанкуловски ректор на „Св. Кирил и Методиј на 02.06.2022.

Универзитетските професори за протестот бараат поддршка и од граѓаните за обезбедување подобри услови и квалитет во високото образование и враќање на угледот на УКИМ.

Викторија Миткова