Зошто без овластување се набавил софтер за прислушување во ОТА?
Oперативно техничката агенција нема овластување и нема законско право да врши набавки. Сепак, купила малициозен софтвер за масовно прислушкување, тврди професорот Јован Јовчевски кој бил вработен во ОТА и кој за незаконски активности предупредувал уште пред четири години. Тогашниот директор на ОТА, Зоран Ангеловски, побарал од него поддршка за набавка на ваков софтвер, но тој одбил.
Ваквите скандалозни информации Јован Јовчевски ги обелодени на собраниска комисија каде требаше да ја брани својата кандидатура за член на Антикорупциска, за која на крајот сепак не беше избран.
Тогашниот директор, манифестираше коруптивни склоности и сакаше да набави малициозен софтвер. Побара мислење од мене, сакаше да бидам претседател на Комисијата, го одбив и му објаснив зошто ОТА не може да добие таков софтвер. Побарал помош од ИТ секторот, државниот советник, побара совет и кажав дека е спротивно на закон. Обидот пропадна, во меѓувреме бев исто назначен за овластено лице за прием на пријави на укажувачи. Добив четири пријави на укажувачи, за незаконски работи на директорот, меѓу кои беа барање мито за вработување, 10 илјади евра, процент од италјанската фирма за набавка на опреми, упатување закани – рече Јовчевски на 23.11.2023.
Јовчевски предупредил и за други елементи на, како што вели, незаконско работење на тогашниот прв човек на ОТА. Пријавил во ДКСК, ЈО, поднел тужба за дискриминација, и кривична пријава – за возврат добил молк од институциите, а на крајот и отказ.
Според него, ваков софтвер може да набави МВР, АНБ, Финансиската полиција, но не и ОТА бидејќи агенцијата нема такви овластувања.
ОТА, нема овластувања, законски, освен да го пренесува сигналот. Тоа може да го прават МВР, АНВ, Финансова полиција. Ако МВР побара, точно е дека, како што се употребува и во светот. Но во малициозниот софтвер проблемот е што не постои еднозначност, во она што вие ќе го барате да го прислушкувате. Вие кога барате прислушкување на мојот број. Со сегашната опрема, ако не употребите малициозен софтвер, тој број мора да се поклопи со линијата која што се однесува на тој сигнал, малициозниот софтвер е навлегување во електронскиот сообраќај, и тоа е таа можност од масовно прислушкување. Кога ќе влезете, се ви е достапно. Сум многу убеден дека е набавена токму таа опрема – додаде Јовчевски.
За набавката на малициозниот софтвер, односно систем за следење на комуникации алармираше и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Според опозициската партија со оваа опрема ОТА има пристап до буквално целиот интернет сообраќај во државата, на било кој уред, на било кој телефон, на било кој оператор, на било кого.