Жена починала откако не била примена на болничко лекување- дали за постарите нема место во болниците?
Дали за постарите лица заразени со ковид 19 повеќе нема место во болниците низ Македонија? Даниела Манаковска во објава на Фејсбук тврди дека ја изгубила својата 76 годишна мајка заразена со корона, откако не била примена на болничко лекување во ковид центарот во „8-ми септември“, бидејќи имала над 70 години. Манаковска на Фејсбук пишува дека покрај тоа што не била примена во болница, била оставена и без соодветна терапија, поради што состојбата драстично и се влошила.
–Позитивна на ковид, со пад на сатурација, висока температура и наод на плуќата, за што доктор претходно порача ИТНА ХОСПИТАЛИЗАЦИЈА, по извршената дијализа во ковид центарот во “8-ми Септември”, оставена е во ходник сама без никаква медицинска нега. Чека да ја донесеме дома. Зошто? Затоа што немало кревет за неа, креветот се чувал за некој помлад, пишува Манаковска.
Голготата на Манаковска продолжила и наредниот ден кога нејзината мајка во полукоматозна состојба повторно била однесена во „8-ми септември“ како нивен пациент, но по 30 минути чекање во комбето, докторката се вратила и кажала дека нема да ја примат, бидејќи едноставно не примале пациенти над 70 години, пишува на Фејсбук Манаковска. Нејзината мајка подоцна била примена на Клиниката за гастро- ентерологија, каде починала додека го чекале докторот.
-На наше очајно инсистирање, сепак брзата помош се решава да се обиде на клиника. И таму чекање 30 минути во комбето, за на крај сепак да се смилуваат и да ја примат на гастро. Рекоа чекајте да дојде доктор и да ви земе податоци. Чекавме, 4 саати, доктор НЕ ДОЈДЕ, само се јавија да ни соопштат дека починала, пишува Манаковска.
Инаку, Манаковска не е единствена со ваков проблем, граѓани кои се жалат за вакви случаи може да се забележат и во Фејсбук групата „Ковид 19- искуства и совети“.
-Татко ми е позитивен со 12 дена висока температура. Дијабетичар, опериран од чир на желудник и алергичен на парацетамол. Брза помош само што ме извести дека кревети за сместување нема, да пратиме ситуација и што може да се направи од дома, зошто им лежат пациенти во возила со саати додека чекаат. КРЕВЕТИ НЕМА!!!, пишува во пост на Фејсбук.
Дел пак се жалат и за условите на Инфективната клиника, каде велат немало греење.
-Како може да се достави нешто до одделение на Инфективна, пациентка е префрлена од Кавадарци денес, но се жали дека нема греење и дека и студи, се вели во пост на Фејсбук.
Инаку, случајот со 76 годишната жена не е единствен, минатиов период луѓе се жалеа дека нивни блиски ја губеле битката со корона додека чекале да бидат примени во некоја од клиниките кои станаа ковид центри.
Директорот на „8-ми септември“ Христијан Костов демантира дека возраста е причина за пациент да не биде примен на болничко лекување. Вели дека во Клиниката има 107 кревети за ковид позитивни, од кои 38 пациенти се на возраст од 68 до 88 години. Според неговите зборови доколку нема место во „8-ми септември“, заразените кои имаат потреба од хоспитализација се праќаат на другите клиники.
Матеја Петровски