Законот за државјанство по брза лента – опозицијата обвинува дека власта го злоупотребува европското знаменце

Собраниски комисии зад затворени врати. Расправата за клучни закони, како што се измените на Законот за државјанство, кој власта го турка со европско знаменце, беше затворена за медиумите поради ковид мерките. Образложението беше дека уставната сала каде се одвиваше дебатата била претесна за да ги собере медиумите, а притоа да се почитуваат мерките за заштита од крона вирусот. Опозицијата повторно алармира – владејачкото мнозинство го злоупотребува европското знаменце за да протурка Закони кои се косат со европските регулативи.

„Ова Собрание треба да биде насочено кон остварување на стратешка цел на Македонија, а тоа е полноправно членство во ЕУ. По еден од овие закони јас гледам флагрантна повреда на европското знаменце, што е недозволиво и моето чувство е дека ова станува секојдневна пракса во Собранието. Кога гледаме желба за дискусија, желба за јавна расправа, желба за поголем број амандмани кои што се суштински голем дел од нив, бајпасот е злоупотребата на европското знаменце. Многу лесно можеме да носиме закони и да делуваме спротивно на европските вредности, но потоа се соочуваме со реалноста како тој на Стејт Департмент, кој што ни го нотира тоа шрто ни го нотира во правосудството и администрацијата и реалноста ќе биде извештај на Е вропската комисија кој што ќе каже дека ние во Собранието сме донеле закон кој што е спротивен на највисоките стандарди на ЕУ“, рече пратеникот од ВМРО ДПМНЕ, Тимчо Муцунски.

Пратениците и денеска имаа полни раце работа, бидејќи пет собраниски комисии работат истовремено. На дневен ред во Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците е и Законот за лични карти, каде Беса, преку амандмани ја воведува етничката припадност во документите за лична идентификација. Забелешки има од пратениците на Левица. Тие за овој предлог закон поднеле околу 1000 амандмани, но се уште не добиле одговор од собраниските служби дали забелешките ќе им бидат прифатени. Законот за лични карти, кој е заглавен во Собранието, пак остави преку 50.000 граѓани без документи за лична идентификација.

За сега, останува неизвесно дали и кога сите овие закони, чија расправа паралелно тече во собраниските сали, ќе го минат филтерот на Законодавниот дом, со оглед на тоа дека извори од Парламентот брифираат оти пратениците ќе се распуштат на почеток на август. Ова од друга страна отвора сомнеж дека по дебатата за буџетот, која треба да заврши денеска или утре, останатите клучни закони, би можеле да минат на „брза лента“ до крајот на неделава, без дебата и јавна расправа како што побара експертската јавност?!

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста