Загубите од увозот на струја ќе ги чинат граѓаните најмалку половина милион евра

Увозот на струја во 5 до 12 скапо ќе ги чини граѓаните. Штетите поради купувањето на струја во ноември се огромни. Увозот предизвика загуби кои досега изнесуваат 545 илјади евра односно половина милион евра. Овие пари се еднакви на набавка на 100 амбулантски возила или на пример, повеќе од 1000 лаптопи за учениците.

Од документите до кои дојде Алфа, може да се види дека уште во јуни на тендер кој го опфаќа второто полугодие, Државните електрани кои треба да ги снабдат домаќинствата со најмалку 75% од нивните потреби за струја понудиле ниска цена од 38,8 евра за мегаватчас електрична енергија, додека цената од увоз била два пати повисока, односно 75 евра.

ЕСМ на хартија излегува поевтин производител, но во пракса компанијата не може да го исполни договореното. Поради лошата хидролошка состојба, празните акумулации, недостатокот на јаглен, односно неискористените капацитети, ЕСМ се најде во ситуација да мора оваа есен да купува струја преку нејзината ќерка фирма ЕЛЕМ Трејд.

При првата набавка која се однесува на периодот од 8-ми до 15-ти ноември се избрани 6 компании од кои се купува струја. Најниска цена понудила комбинираната електрана ТЕ-ТО од 47,86 евра, а највисока Интеренерго Македонија од 51,23 евра за мегаватчас. Прифатените цени се и до 12 и пол евра повисоки од оние 38,8 евра за мегаватчас на ЕСМ. Вкупните загуби поради оваа набавка изнесуваат 128 илјади евра.

Втората набавка се однесува на периодот од 16-ти до 29-ти ноември. Избрани се 4 компании кои понудиле повисоки цени кои достигнуваат до 56,50 евра за мегаватчас. Цените се повисоки и до речиси 18 евра. Штетите за овој период изнесуваат 417 илјади евра.

Вкупните загуби поради увозот на струја за да се покријат потребите за 3 недели во ноември се „тешки“ 545 илјади евра.

Иако е се поизвесно, засега не се знае дали овој интервентен увоз ќе предизвика повторно поскапување на струјата за граѓаните. Кога на почетокот на месецов Владата објави дека државните електрани ќе купуваат струја, од ЕСМ соопштија дека се уште е рано да се формира нова цена. За првите три месеци од наредната година, цената ќе се знаела до средината на декември. И додека од регулаторна уверуваат дека нема да дозволат нов ценовен шок, агрометеоролозите најавуваат продолжување на сушниот период. Токму затоа е се поизвесно увозот на струја да продолжи и во декември, а тоа негативно да се одрази врз џебот на граѓаните.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста