Лазаров за Алфа: Македонија влегува во критична зона, јавниот долг ќе достигне 65% од БДП

Македонската економија може да влезе во критична зона, зашто јавниот долг може достигне 65% од БДП до крајот на 2021, предупредува за Алфа универзитетскиот професор Дарко Лазаров. Проекцијата за буџетот за наредната година според него е само потврда дека влегугваме во критична фаза. Власта во предлог државната каса предвидува задолжување од 530 милиони евра за финансирање на дефицитот.

  • Проектираниот буџетски дефицит е 4,9 проценти, проектираната стапка на економски раст е 4,1 процент, тоа значи дека буџетскиот дефицит ќе биде поголем од растот на економијата и тоа де факто не само што нема да обезбеди фискална консолидација на економијата, напротив ќе предизвика зголемување дополнително на јавниот долг на државата и практично ние ќе влеземе веќе во една критична зона бидејќи јавниот долг може до крајот на 2021 согласно и овие оптимистички проекции да стигне некаде 65 проценти од БДП, вели Дарко Лазаров.

Со буџетот, власта планира да продолжи поддршката на економијата која е погодена од пандемијата. Ексопертите реагираат дека од досегашните четири пакети антикризни мерки нема да се искористат повеќе од 450 до 500 милиони евра што е двојно помалку од 1 милијарда евра колку што се проектирани. Предупредуваат дека Македонија е една од земјите каде се дели најмалку помош.

  • Анализата на помошта на државата во насока на амортизирање на кризата можеме да ја гледаме низ два параметри. Едниот параметар е износот на средства кои што државата ги издвои во овој период и вториот ефикасноста на мерките во амортизирање на кризата и вистинска помош кон приватниот сектор и граѓаните, вели Лазаров.

Дел од експертите предупредија дека во вакви, неизвесни услови тешко би се предвиделе макроекономските движења. Затоа апелираат на голема внимателност околу менаџирањето на државната каса

Буџетот за 2021 кој веќе е во Собрание тежи 4 милијарди евра. Вкупните приходи се позиционирани на 3,45 милијарди евра, а буџетскиот дефицит е 567 милиони евра, или 4,9% од БДП. Проектираната стапка на раст е 4,1%. Дел од експертите реагираат дека таа е премногу амбуициозна.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста