Заев околу вметнувањето на Бугарите во Уставот: И да сакаме не можеме утре, немаме двотретинско мнозинство
Бугарите ќе влезат во македонскиот Устав, но тоа нема да се случи утре, бидејќи власта немала двотретинско мнозинство. И покрај бугарската блокада на патот кон Европската унија, премиерот Зоран Заев уште еднаш повтори дека ќе го исполнеле барањето на Софија, односно внесување на бугарското малцинство во нашиот Устав, но тоа ќе се случело пред членството во Европската унија.
-Ние немаме никакви предрасуди, ако некој бара тоа ние утре да го направиме, не можеме, две третини немаме, ниту треба. Но јавно го кажуваме заради тоа што и Бугарите, и Хрватите, и Црногорците, и Египќаните и многу други етнички заедници ќе бидат вметнати во очи на пристапување на Европската унија, изјави Заев.
Иако не така мал број Македонци живеат во Бугарија, нашата Влада нема да бара за возврат тие да бидат ставени во бугарскиот Устав. Заев вели тоа била внатрешна работа на земјата, во која не било пријателски да се мешаме.
-Мешањето во внатрешните работи на соседните земји не е порака на пријателство, тоа останува на нив. Јас го кажувам како потреба наша, не затоа што Бугарија бара. Реков пред две-три години е отворено ова, хрватската заедница го отвори, го отвори црногорската заедница. Тие имаат реално потреба, тие се наши граѓани, родени овде, живеат овде. И покрај заедниците кои сега ги имаме, Македонците, Албанците, Ромите, Турците, Власите, Србите, Бошњаците и другите заедници се родени овде, изјави Заев.
Инаку, додека македонската власт исполнува речиси се што ќе побара Софија, од Бугарија добиваме сосем различен однос. Тие не ни го признаваат македонското малцинство кое живее кај источниот сосед, а не ни го признаваат ниту јазикот и идентитетот. Условуваат да признаеме дека истите како македонски не постоеле пред 1946-тата година, доколку сакаме да добиеме датум за старт на преговори со Европската унија.
Матеја Петровски