Заев контра Заев, дали судството е реформирано или заробено?

Антикорупциската комисија од следната година ќе го проверува имотот на судиите и обвинителите. Антикорупционерите ќе  утврдуваат дали се вистинити податоците внесени во анкетните листови и дополнително ќе скенираат дали имотот на судиите и обвинителите е несразмерно зголемен во споредба со редовните примања и примањата на членовите на нивното семејство. Судирот на интереси пак ќе се проверува преку работните места и членувањето во управни и надзорни одбори.

Комисијата за спречување на корупцијата е со став дека правосудството е оценето како столб со висок ризик од коруптивни и други влијанија

“Испитувањето на имотната состојба, е нова надлежност на Државната комисија, за чие спроведување потребно е зајакнување на постојните човечки и материјално – технички услови и вклучување на други истражни органи”, велат од антикорупциска комисија.

Од комисијата истакнуваат дека ваквиот потег не е поврзан со барањето на Заев за прочистување на судството од нечесните судии и обвинители, иако следува само еден ден по неговиот апел.

Премиерот вчера порача дека судството останало последната тврдина на „заробената држава“, под контрола на одреден број судии и обвинители на моќни позиции. Иако пред една и пол година тврдеше дека веќе нема пресуди под притисок.

“Го отворив судството како пупка. Нема монтирани процеси и нарачани пресуди”, рече Заев на тв соочување со Мицкоски

Со реакција за состојбите во правосудството денеска се јави и судскиот совет. Оттаму велат дека не работат во полн состав и дека зголемениот обем на работа го доведува во прашање нивното нормално функционирање.

“На 5.10.2019 година им престана мандатот на двајца членови на Советот, а постапката за избор во Собранието до денес не е завршена. Покрај тоа, на еден член на Советот избран по предлог на Претседателот на РСМ му престанува мандатот на 26.12.2019 година, а на еден член на Советот избран од редот на судиите му престанува мандатот на 29.01.2020 година”, истакнуваат од советот.

Од таму велат дека испитувањето на имотната состојба на судиите не е во нивна надлежност.

Градимир Марковски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста