За време на светска пандемија, се менуваат симболите на Општина Свети Николе

Нов грб и знаме ќе добие општина Свети Николе среде пандемија. Советот на Општината го изгласа првиот ребаланс на буџетот за оваа година и донесе одлука за нови симболи на општината. Новиот грб ја содржи црквата „Свети Николај“ со саат кула и камбанарија, а на него се наоѓа традиционалниот Овчеполски вез но и розетната најдена во локалитетот од античко време „Билазора“. Последната е особено интересна деновиве за светиниколчани, кои иронично се шегуваат дека „корона-кризата им удри вo глава на властите па се вратија на антиката“.

Хералдичарот, човекот кој претходно го работел стариот грб на општината ,за Алфа вели дека му е нејасно зошто се прави сега ова, не видел и не слушнал дека воопшто има конкурс за креирање нови симболи, до толку повеќе му е нејасно, што стариот и новиот се многу слични.

“Ние сметаме дека ваквата промена не беше воопшто потребна затоа што Свети Николе се имаше здобиено со еден многу добар грб, направен по сите светски стандарди, препознатлив за општината, а грбот е нешто што се прави да трае подолго… Ние се обидуваме да следиме кога има конкурс и ниту еден од нашите членови кои се заинтересирани за областа не знаел, не слушнал, не видел, не прочитал нешто за конкурс” – вели за Алфа хералдичарот Јован Јоновски..

Актуелниот градоначалник се објасни но на Фејсбук, конкурс тврди имало, а го отворил бидејќи граѓаните барале нов симбол.

“Донесена е одлука за нови симболи, грб и знаме на општина Свети Николе. Во демократска постапка и по барање на граѓаните , а по распишан конкурс за идејно решение, истите ќе бидат ново обележје на општината” – напиша Велковски.

Зошто Велковски сега се сети на антиката? Што ако јужниот сосед крене глас, дали повторно ќе се враќа стариот грб или ќе се прави нов, што секако чини пари?

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста