Вработените во музеите, театрите, библиотеките и останатите културни установи останаа без платата за јули
Околу 4 илјади работници во културата останаа без скршен денар на една недела пред истекот на август. Музеите, театрите, библиотеките и останатите културни установи се уште не им ја исплатиле зголемената плата за јули согласно новиот колективен договор. Синдикатите веќе им испратија опомени, а им се заканија и со тужби на министерството за култура и директорите на институциите ако не исплатат плати во текот на оваа недела. Од СОНК сметаат дека на 24-ти август веќе сите рокови се пробиени и плата мора да се даде час поскоро. Ако тоа не се случи, ќе ги остварат заканите.
Од СОНК велат дека систематизацијата на работните места била завршена во сите институции. Пресметките на платите биле готови и само се чекало на зелено светло од страна на Министерството за култура. Согласно новата систематизација, зависно од работното место, некои треба да добијат минимално зголемување, а некои пораст и до 5 илјади денари на плата.
Синдикатот на културата, пак, алармира дека културата во Македонија е речиси мртва. 70% од програмните не се реализирале, а крајното непочитување доаѓало со неисплатените плати. Колективен договор во културата немаше 15 години. Тој беше официјално потпишан ден пред истекот на 2019-та, а одредбите за плата требаше да стапат во сила најдоцна до први јули. И покрај нивелацијата на платите, културните работници имаат меѓу најниските примања во јавниот сектор.
Тања Попова