Во прилепската Индустриската зона „Варош“ се излева канализацијата ?!

   Непријатна миризба со неподносливо јак интензитет, поплавен пат со денови, а особено после секој пороен дожд, кога и буквално е непрооден, како и страв од ширење на зараза е моментната состојба на Регионалниот пат Прилеп-Македонски Брод, на самиот излез од градот, во Индустриската зона „Варош“. Загрижените граѓани кои овде имаат свој бизнис, или пак живеат тука, тврдат дека со оваа мака се борат со години, иако пред две години била извршена некаква реконструкација на канализационата мрежа.

 Зоран Ицески во оваа зона има Автомеханичиски сервис. Вели дека влезот во неговата работилница претставува еколошка „бомба“ од излеаната вода за која тврди дека не била дождовница, туку била од феркалната канализација.

  „Oдат од „Водовод“, како денеска, само заминуваат-поминуваат, не знаеме што да правиме. Затната е канализацијата што слегува одозгора од бараките, претекува тука и ми течи скоро низ двор. А навистина многу мириса, многу смрди, имам дечиња, еве објекти има, работилници, сервиси, самопослуги. Досега нема ништо преземено. И тој надворешен канал што е, ене го онде, отворен е – шамак, тиња и така…оваа улица не е средена како Индустриска зона што е“, – објаснува Зоран Ицески.

          Со истиот проблем мака мачи и каменорезецот Влатко Николоски. Тој се жали дека него му трпи и бизнисот.

        „Нормално дека пречи. Доаѓа миризба од самата канализација, течи по целата улица. Кога и да дојдат луѓе, муштерии, незгодно е, прашуваат од каде таа миризба, така што влијае на се, а најмногу на нашето здравје. Атмосферската вода не можат да ја соберат овие канализации и тука улицата се претвора во река. Коли гаснат, се редат редици тука, значи ризично е многу“, посочува Влатко Николоски.

        Од ЈКП „Водовод и канализација“ пак, вината за ова ја префрлија на граѓаните. „Во десната канавка се слеваат отпадни води од некои домаќинства кои ги немаат внесено во системот на одведување на отпадни урбани води своите отпадни води. ЈКП „Водовод и канализација“, по пријава од граѓани, повремено интервенира  со механизација и човечки ресурси“, се правдаат оттаму, без притоа да понудат и трајно решение, кое пак, според засегнатите граѓани би било – изградба на доволно капацитетна канализациона мрежа, а која сега била претесна.

    Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста