Во Македонија има над 450.000 сиромашни лица, а секое 4–то дете живее во сиромаштија

  На Македонија и е потребен итен концепт за социјална правда преку актуелизирањето на потребата за суштинска борба против сиромаштијата, нееднаквоста, невработеноста и општествената маргинализираност, подигнување на информираноста, и охрабрување за поактивно учество на граѓаните за остварувањето на принципите на социјална правда кои се предуслов за просперитетно и хумано општество. Ова, особено во овие пандемски години кога бројот на сиромашни семејства фрапантно се зголемил, а додека секое 4–то дете живеело во сиромаштија, информираат од НВО „ЛАГ Агро-лидер“.

 „Околу 455.000 семејства, лица, домаќинства живеат во сиромаштија, секое 4-то дете ни живее во сиромаштија, стапката на невработеност од ден на ден расте, огромен е јазот помеѓу родовата нееднаквост помеѓу мажите и жените, особено во урбаните и руралните средини. Ковид-19, дополнително ги продлабочи овие проблеми“, – рече Марина Тошеска од Локалната акциона група – Агро Лидер.

  Според Тошеска, особено бил поразителен фактот што во некои рурални средини луѓето не можеле да пристапат дури ни до основните човекови права.

  „Пристап до здравство, пристап до социјални услуги, пристап до вода за пиење. Имаме населено место на 20 км од Прилеп каде што 80 деца немаат пристап до чиста вода за пиење“ – објаснува Тошеска.

   Од МЦСР од Прилеп пак, кој е и партнер во овој проект, уверуваат дека од 2019-та година наваму, државата направила крупен исчекор напред за надминувањето на се’ подлабокиот социјален јаз. 

   „Ние во моментов имаме стабилна социјална слика, немаме енормно зголемување на корисници на гарантирана минимална помош. Се движиме во границите на тоа што било во претходните години. Сетот на мерки кој го донесе Владата ги даде своите резултати“, – рече Дејан Тошески, директор на МЦСР во Прилеп.

     Инаку, ЛАГ Агро-лидер овој прокет, под мотото „Еднаквост и социјална правда“, го спроведува по повод, 20-ти февруари, Меѓународниот ден на социјалната правда.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста