Во битолско земјиштето не мирува, во текот на ноќта почувствувани уште неколку земјотреси

         Уште една немира и непроспиена ноќ за битолчани. Земјиштето продолжува да се тресе, иако со послаб интензитет од прексиноќа, но вознемиреноста на граѓаните не стивнува. Жители од пограничните села кои се најблиску до епицентралното подрачје во соседна Грција, со потресни сведоштва за Алфа. Велат, потресите биле страшни. Освен што претрпеле оштетувања на своите домови, тие раскажуваат и дека првата ноќ ја поминале во автомобилите, а додека синоќа се прибрале во делови од куќите за кои сметале дека се побезбедни.

   „Некни кога се случи земјотресот, јас прво и прво, гледав внучињата и фамилијата да ги извадам надвор. Во кола внатре, цела ноќ седевме….Сите села што се околу овде: Драгош, Лажец, Кишава, Граешница, овие Велушина, сите тука, Кравари, Барешани, Олевени..значи во сите села до Битола, мавнато е…Јас не знам сега точно кај кого има дефекти, кај кого има штета, само шуќур на Господ нема луѓе, не слушаме дека има луѓе повредени…“, – ни изјави Изет Рашидоски од с. Драгош.

   Рашидоски вели дека најмногу се оштетени постарите селски куќи, но оштетувања имало и на новите куќи, бидејќи потресот бил многу јак.

   „На братучед ми, кој е во село Кишава, куќата е стара градба, јас ќе одев сношти таму, но врнеше снег и не можев да се качам со колата и се вратив од Граешница наваму…но, тие како што ми кажуваа значи има доста штета, пукната, одделена е, ѕидовите се пукнати надворешно, внатрешно – таваните се паднати на две соби…Си имаат некое кујниче таму, не е нешто асолно, ама таму ја поминуваат ноќта сега,им е страв..Пет-шест пати мавна сношти, ние сме многу блиску овде. Ние сме седум души, четири големи и три мали, мене за дечињата ми е, не за мене…“, – објаснува нашиот соговорник Рашидоски.

   Нашиот соговорник, видно вознемирен раскажува дека се уште седат во страв, бидејќи потресите ги имало цело време, а проблем плус биле и ниските температури.

   Инаку, уште во текот на вчерашниот ден, итно заседаваше и ОКШ и Советот на општина Битола. Формирана е Комисија за проценка на штетите и според градоначалникот Тони Коњановски, Комисијата веќе од денеска излегува на терен по пријавите на граѓаните, по што ќе следи и соодветно обесшетеување. Според Коњановски, од виталните институции, досега поголеми оштетувања единствено биле евидентирани во две приземни одделнија во Клиничката болница и во еден клон од една Детска градинка.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста