Во Битола матични лекари заминуваат во пензија, пациентите се на бришан простор

Четворица матични лекари во Битола, на почетоткот на година заминаа во пензија и нивните приватни здравствени установи згаснаа, а во текот на април, заминуваат уште тројца и седум амбуланти ќе бидат под катанец. Од Здружението на приватни матични лекари алармираат дека заклучно со идната година, во градов петнаесет амбуланти од ваков тип на семејно здравство ќе бидат под клуч, а  илјадници пацинети во услови на корона, кога им е најпотребна здравствена услуга, остануваат на бришан простор. Од друга страна, лекарите и сестрите што работеле во веќе згаснатите приватни здравствени установи, остануваат без работа.

  • Со ова ќе дојде до еден многу сериозен проблем бидејќи многу граѓани на Битола ќе останат без матичен доктор, а процедурата треба да ја поминат наново што одзема 2- 4 месеци- рече д-р Драги Стојановски.

Таков е случајот во моментов со тројца млади лекари. Каде е проблемот и што треба да се направи?

  • Во законските и подзаконските акти треба некои работи да се променат, зашто веќе се застарени, тие се од пред десеттина и повеќе години.  Кој е проблемот? Имаме пациенти запишани на матичните лакари и кога еден лекар треба да се пензионира, а е носител на концесионерството, со него умира и фирмата. Автоматски, тие пациенти остануваат незгрижени. Некои можеби во моментов немаат потреба од услуга, но на некои им е потребна сега и веднаш- рече д-р Лена Захариева , челн на УО на Здруежението на лекари по општа и семејна медицина.

Тројцата млади лекари иако се при крај со процедурите за да ги стартуваат своите ПЗУ- а, с`е уште чекаат од Министерството за здравство да стаса Комисија која ќе ги процени просторните и техничките услови за работа и ќе даде зелено светло за овие амбуланти. Во меѓу време, како што објективот на нашата камера денеска ја долови сликата во Здравствениот дом, ходиниците се речиси празни, иако оваа институција е целосно модернизирана и има високи стандарди да ги прими новите концесионери. А проблемот кој се генерира низ цела држава, лежи токму во законското решение за концесионерите, проектирано во едно транзициско време на приватизација, во кое капитацијата наместо да “легне“ во приватната установа, се врзува со докторот и после него потоп. Или, како што велат од  Друштвото на приватните лекари, се продаваат фабрики, дуќани и бизниси, само овие установи не, со сите последици.

Петар Стефановски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста