Владата ќе ги објави мерките за бизнисот во недела

Бараа помош до март, ќе добијат до декември. Владата ги финишира мерките за бизнисот, но нема целосно да ги задоволи нивните барања. Стопанствениците бараа финансиска помош за исплата на плати до март следната година. Ќе добијат поддршка само до крајот на годинава – најави премиерот Заев. Помошта ќе била во висина на една бруто минимална плата, но само за најпогодените компании. Дел од даночните олеснувања ќе важеле за цела 2021-ва година.

Почна ли да се предомислува Заев за субвенционирање на таканаречените етнички вработувања? Иако министрите со недели се повикуваат на владината програма, премиерот ретерира. За него сега е противуставно да се поддржат вработувањата по етничка основа. Само напомена дека ќе се поттикнувале вработувања во региони со висока невработеност како Скопје и Куманово, а акцент ќе се ставел и на ангажирање на што повеќе луѓе во руралните општини.

Сојузот на стопански комори излезе со сет од 25 мерки за спас на економијата. Тие вклучуваат поддршка грантови за најпогодените сектори, субвенции за плати до март, олеснет пристап до бескаматни кредити, државни гаранции за кредитите на фирми, одложување на сите даночни долгови за 2020-та, прецизни протоколи за работа. 4-тиот пакет мерки, според Заев, не доцнел. По неколку недели одложување, конечно ќе бил презентиран во недела. Во меѓувреме ќе се направеле последните консултации со синдикатите и стопанските комори.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста