Трошоците вртоглаво растат секој месец – граѓаните тонат во сиромаштија

Повеќе од 550 евра му треба на едно семејство да го преживее месецот. 34 128 денари му се потребни на едно четиричлено семејство, што значи дека ниту една просечна од 28 илјади, ниту две минимални плати  од 15 илјади не се доволни за да се покријат месечните давачки – покажуваат податоците на  синдикалната кошница за месец јули што ја изработува Сојузот на синдикати на Македонија.

Споредено со синдикалната кошничка  во мај, трошоците на едно четиричлено семејство се поголеми за 5407 денари, а споредено со предходниот месец намалени се за 86 денари.

Најмногу пари или 14 417 денари во јули биле потребни за храна и пијалоци, а 10 826 денари за подмирување на режиските трошоци. За превоз минимум биле потребни 2528 денари, додека за хигиена 2381 денар. Остатокот е за обувки, облека, одржување на здравјето и за културни активности.

Во споредба со претходниот месец, пораст на цените е забележан кај цигарите кај млекото, овошјето, лебот и пивото.

Во јули, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот, е забележан и кај воздухопловниот патнички транспорт, гасот за домаќинствата, горивата и мазивата за сопствените превозни средства, течните горива за домаќинствата. Поскапи се и туристичките пакет-аранжмани и услугите за сместување покажува анализата на Државниот завод за статистика.

Пораст на цените има и кај информатичката опрема, медицински производи и фармацевтските прозиводи,  накитот па дури и моторните возила.

Благо намалување е забележано кај млечните и месните производи, а  намалување има и кај свежиот зеленчук, маслото и маснотиите.

Индексот на трошоците на животот во јули 2021 година, во однос на јули 2020 година, бележи зголемување од 3.4 %, а индексот на цените на мало, бележи зголемување од 5.4 % покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста