Со притисоци и уцени, продолжува голготата на тиквешките лозари

        Притисоци, уцени, раскинување на договори со винариите. Тоа е новото секојдневие на тиквешките лозари, кои и без тоа се испаничени што ќе се случи со годинашниот род на грозјето, чија берба е во ек. Велат, загубите ќе им се бројат во илјадници евра.

„Имав договор за 30 тона „мерлот“ и се беше добро до последниот момент, додека не се појавив на телевизија и ми го раскинаа договорот. И морав да го дадам грозјето наместо по цена од 20 денари, морав да го дадам по цена од 10 денари. Тоа се 5.000 евра  веднаш во стартот „заклан“. Тоа може  само во нашата држава, во нашава држава се’ бидува, притисоци од сите страни“ – ни изјави за Алфа, претседателот на Здружението „Тиквешки лозаро-овоштари“, Златан Стојчев.

          Тиквешките лозари велат дека не се уплашени од притисоците. Ама, не се задоволни, а се и сомничави по минатонеделната средба со Заев кога тој им ветил дека годинашниот род целиот ќе бил откупен.

Бербата е за никаде, затоа што нема ни 10% од луѓето што берат. Нема откупни пунктови. Ние сме уплашени, дури и преплашени дека грозјето ќе остане изгледа по нивите. Ситуацијата е загрижувачка. Ние предлагаме, тоа грозје што ќе остане необрано, тоа грозје да се мери втор пат и да се истури на депонијата, а државата да ги обесштети луѓето.Тоа е родено, трошоците се направени, да се мери на вага, еден да се потпише на депонијата и да се истури на депонијата да има утре ние кого да тужиме, затшто виновник е државата. Грозјето 60-70 % изгледа ќе остане на нивите, необрано“,  – објаснува Дано Јошев.

Засега, најавените протести ставени се во мирување, но само за наредните неколку дена, по кои, ако се продолжи со сегашниот тренд на откуп, не се исклучува блокирањето на патиштата во Тиквешијата, децидни се тиквешките лозари.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста