Случај „Рекет“: Камчев зборуваше како бил рекетиран, Јанева ми порача дека халуцинира

Тензично и со постојани смирувања од судијата Андреј Димовски помина денешното рочиште на кое после долго време се сретнаа Катица Јанева, Боки 13 и Орце Камчев, тројцата дел од веќе затворениот случај рекет. Бизнисменот камчев си ги бара назад парите кои беа во фамозната торба „Луи Витон“. Според Камчев, Боки и Катица се здружиле и му изнудиле половина милион евра за од Шутка да замине во домашен притвор во ноември 2018 година. Двајцата му барале плус 8 милиони евра за да не седне на обвинителна клупа за предметот Империја.

„Средствата кои што ми беа изнудени и кои што ги барам како отштета, се мои сопствени средства кои што биле предавани преку други лица наведени во постапката, а за кои средства е потврдено дека се пренесени од мојата трансакциска сметка и за кои е платен данок“, изјави во судницата Камчев.

Со изнудените пари, тврдеше Камчев, Боки 13, со мајка му и семејна пријателка заминал на шопинг во Италија и потрошил 200 илјади евра на скапа облека. Камчев кажа дека токму чантата со која Јовановски дојде на денешното судење чини 200 илјади евра, на што Боки драматично возврати дека тој носи чанта од само 2 илјади и 200 евра. Во судница денеска не се појави Зоран Милески Кичеец. Орце Камчев ја повлече тужбата за него.

„ За торбоносецот Зоран Милески-Кичеец, не случајно е повлечена тужбата, па во таа смисла Камчев нека си ги бара парите онаму каде се договарал и нешто добил. И нека ги бара таму каде некој му дал гаранција, тоа е Русковска. Ова за што сум тужен, целосно го негирам особено поради недореченостите во правосилната пресуда“, кажа Јовановси-Боки13.

Гласна беше и поранашната специјална обвинителка Kатица Jанева. Во судница дојде од Идризово, дотерана со нова фризура. Постојано му реплицираше на Камчев.

„Халуцинира човекот, халуцинира. Поарно да чита, бидејќи вака многу халуцинира“, довикуваше Јанева.

Не остана рамнодушна ниту на долгото судење .

„Нема цел ден да седиме со Камчев во судница, ние доаѓаме од затвор“ – рече Јанева.

Јанева тврдеше дека како специјален обвинител „многу трпела влијание од страна на политичките партии”, но не подлегнала и затоа се нашла во затвор.

Судењето продолжува на 11 мај кога пред судот исказ ќе даваат четворица сводоци на тужителот.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста