„Алкалоид“ доби потврда за сертификатите за сообразност со начелата на добрата производна пракса од словенечката Агенцијата за лекови и медицински средства. Ова уследи откако Агенцијата изврши инспекција во погоните за производство на лекови на алкалоид АД Скопје. Истите се обновени со важност од 3 години и се однесуваат на погоните за цврсти дозажни форми (таблети и капсули), течни дозажни форми за интерна и екстерна употреба, полуцврсти дозажни форми и погонот за цефалоспорини согласно директивата 2003/94/ЕС и член 111(4) од директивата 2001/83/ЕС.

Оваа редовна инспекција и проверка на фармацевтскиот систем за квалитет на „Алкалоид“, се изврши на сите погони во исто време. Ваквите проверки од страна на високи регулаторни авторитети се основа за стекнување и одржување на авторизациите за пласман на производите на компанијата во Европската Унија и на најстрого регулираните пазари.

Производство на ценовно достапни, квалитетни, ефикасни и безбедни лекови и производи за широка потрошувачка за кои заштитниот знак на „Алкалоид АД“ е синомим за високото ниво на квалитет и сигурност, како и хуманата програмско производна определба насочена првенствено кон крајните корисници се начелата според кои се води компанијата и ќе остане да се води во секојдневните операции, при тоа строго внимавајќи на кредибилитетот и професионалниот пристап кој го практикува и спроведува во севкупното свое работење.