Нови оправдувања од Владата за откажувањето на државната награда Гоце Делчев

Ќе извисат ли и оваа година научниците за државната награда Гоце Делчев? Владата годинава со ново оправдување – истечен бил мандатот на членовите на Комисијата што ја доделува оваа престижна награда од областа на науката.

„Министерството за образование и наука има доставено до Собранието предлог за именување на нови членови на Одборот задолжен за спроведување на државната награда „Гоце Делчев“, имајќи предвид дека мандатот на претходниот состав е истечен, но сѐ уште не е закажана седница на Комисијата за именување која треба да се произнесе по однос на предлогот, а потоа истиот да биде и усвоен на седница на Собранието“, велат од Владата.

Доделувањето на државната награда Гоце Делчев прв пат беше откажано во 2018 година, со образложение оти се доцнело со роковите. Минатата година, пак од Комисијата објавија дека наградата нема да се додели поради недостиг на финансиски средства.

На ова дел од стручната фела алармираше оти власта ја откажува наградата Гоце Делчев за да им удоволи на источните соседи, оти потеклото на македонскиот револуционер и натаму е спорно за комисиите на Македонија и на Бугарија кои ја чешлаат историјата согласно Договорот за добрососедство. Од Владата велат Договорот со Бугарија не влијаел на доделувањето на наградата.

Државната награда Гоце Делчев со која се оддава општествено признание за особено значајно остварување во сите области од науката од интерес на Македонија, за прв пат била доделена во 1949 година. Тогаш добитник бил академик Блаже Конески. Од 1950 доделувањето мирувало се 1978 година, кога била возобновена. Последен пат награда за наука се додели во 2017 -тата.

Последниве неколку години не се додели ниту традиционалната државна награда за публицистика и новинарство, Мито Хаџивасилев Јасмин. За ова од Владата велат оти номинираните кандидати не ги исполниле условите па Одборот одлучил да не ја даде наградата.

Затоа пак во мај 2018 година, Собранието востанови нова државна награда 22 Ноември – денот на албанската азбука.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста