Скандалозна ноќ во скопско Синѓелиќ – Чулев предупредува за политичка заднина

Си ставал лежечки полицаец на улица за време на полициски час со цел да си прави политичка кампања – советникот на СДСМ во Гази Баба заедно со уште неколкумина синоќа беа иницијатори на инцидентот во Ченто што траеше до доцна во ноќта, објасни министерот за внатрешни работи Наќе Чулев. Се разбира полицијата брзо интервенирала, но кога им се приближила дел од нив се разбегале, по што полицијата тргнала по нив прозивајќи ги да застанат и да се легитимираат. Тука следувала филмска брканица, по што тројца меѓу кои и советникот на СДСМ, се приведени. Но ова не беше крајот на инцидентот, туку почеток на нов. Приведувањето на прекршувачите на полицискиот час ги разгневи соседите на приведените, по што стотина граѓани излегоа на улица со цел да протестираат. Според министерот за внатрешни работи синоќешниот инцидент бил тенденциозен и со политичка пазадина.

“При пристигнувањето на полициските службеници на конректната локација забележана е група од 8 лица кои откако ги забелкежале полициските возила дел од нив се дале во бегство, а три лица останале на самото место при што од страна на полициските службеници биле лишени од слобода и биле спроведени во полициската станица Гази Баба за понатамошно постапување. При лишувањето од слобода едно од лицата се претставило како советник во општината од редовите на политичката партија СДСМ со што сакал да изврши притисок врз полицискиот службеници со цел истиот да не биде лишен од слобода.” – изјави Чулев.

Луѓето со часови не сакаа да се тргнат од улицата, па во обид да ја смири тензијата излезе и градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски.

И неговото излегување отвори дилеми кај јавноста, зошто тој им ветува на присутните дека може да ги ослободи прекршителите, има ли и други ингеренции освен градоначалничките? Георгиевски објаснуваше на фејсбук. Рече самоиницијативно излегол оти се чувствувал одговорен.

“Апелирам до сите да не се шират непроверени или половични информации, кои можат да влијаат во нарушување на јавниот ред и мир или да внесат паника или бес кај граѓаните“- напиша меѓудругото градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски.

Инцидентот од синоќа е доказ дека има луѓе кои сметаат дека можат да најдат начин да го игнорираат полицискиот час. Сепак клучно е дали овие иницијатори од синоќа ќе бидат санкционирани. Сега, обвинителството е на потег.

Ања Василева 

 

 

 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста