Седум заболени, еден сомнителен, стотина во карантин – дали владините мерки задоцнија?

Најмалку 7 лица во Македонија се заразени со вирусот Ковид -19, повеќе од 100 луѓе се во карантин, и уште колку ли во самозолација, а на Клиниката за инфективни болести секојдневно се тестира по најмалку еден сомнителен случај. Првата заболена пациентка беше дијагностицирана пред две седмици. Таа веќе се излечила и најверојатно ќе биде пуштена на домашно лекување, велат надлежните. Но, бројот на новозаразени речиси секојдневно расте.

Владата дури денеска донесе одлука за строги мерки, но дали се тие задоцнети? И дали наместо препораки, лабави контроли на границите и надеж за самосвест кај граѓаните, требаше веднаш да се реагира со ригорозни мерки? Граѓаните загрижени. Велат мерките на Владата се задоцнети, а училиштата уште одамна требало да бидат затворени.

„Мерките се задоцнети. Требаше одамна да се затворат училиштата. Што ако некое дете кое можеби ќе се покаже оти било заразено, а одело на уличиште“, велат граѓаните.

Владата тврди дека здравствените власти биле подготвени да се справат со ширењето на корона вирусот. На Клиниката за инфективни болести, велат, имало 8 боксови и исто толку респираторни машини. Во земјава имало уште два респиратори кои би можеле веднаш да бидат ставени во функција, а во меѓувреме Министерството набавува 5 нови машини за механичка вентилација.

Инаку, корона вирусот веќе ги затвори образовните институции во соседството. Властите во Албанија, каде вчера беа регистрирани првите два случаи на заболено со корона, веднаш ја прекинаа наставата во сите образовни институции до 3 април. Претходно и Грција донесе одлука превентивно да затвори над 80 училишта.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста